Дел од административците ќе одат во пензија со 55 години старост?

од Vladimir Zorba
3,3K прегледи

Предлог законот за административни службеници не престанува да ја изненадува јавноста. Освен членот кој предвидува администрацијата наместо 40 да има 36 часовна работна недела, друг член од истиот закон, предвидува  нераспоредените  државни советници да одат во пензија со навршени 55 години и 15 години стаж:

(3) Државните советници вработени до денот на започнување со примена на овој закон, за кои нема да има работни места на кои би биле распоредени може:

  • да бидат предвремено пензионирани доколку на денот на влегување во сила на овој закон имаат навршени 55 години старост и имаат 15 години работен стаж или
  • спогодбено да им престане работниот однос со отпремнина во износ од ___________.

(4) Државните советници кои нема прифатат ниту една од можностите од став (2) на овој член ќе бидат распоредени на работно место во институцијата за кое исполнуваат услови.

Експертите кои ги консултираше „Локално“ се изненадени од предложените измени на законот. Велат дека доколку тие се усвојат ќе предвизикаат волунтеризам и хаос.

Даночниот експерт Павле Гацов смета дека во ваквите решенија  се врши дисторзија на пензискиот систем.

„Наместо најавениот трансфер на јавната администрација од јавниот во приватниот сектор , сега се најавува нова форма за ослободување на баластот на јавната администрација, овој пат со миграција во Фондот за ПИОМ, кои и така во најголем дел буџетски се финансира.Со оглед дека пензиите секако ќе бидат пониски од платите, во рамките на вкупниот буџет на државата ќе бидат остварени извесни заштеди.Со ваквите решенија, вклучувајки го и предлогот за 36 часовна работна недела за јавниот секотр се врши дисторзија во системот на работни односи и пензискиот систем.За ова с епотребни сериозни анализи, со вклучување на сите засегнати страни и соодветно пеглање во приватниот сектор, аналогно на новиите решенија за јавниот сектор.Сметам дека во оваа фаза на ранета економија и процес на кревко заздравување, предложените решенија не се издржани”, објаснува Гацов.

Останатите експерти со кои зборуваше „Локално“, кои инсистираат на анонимност, се сомневаат дека зад предложените измени за држвните службеници стои ДУИ.

„Огромната армија од рамковни вработени е акутен проблем, особено затоа што голем дел од нив се се уште нераспределени. Оттука, решението за предвремено пензионирање би било елегантно и политички исплатливо’’велат тие.

На предложените измени на Законот за административни службеници вчера реагираше и професорот Борче Давитковски. Идејата администрацијата од понеделник до четврток да работи по осум часа а во петоците само четири, тој ја нарече смешна и нерационална.Зад предложеното решение препозна политички мотиви и додворување на администрацијата пред избори.

Нелогичното произлегува од фактот што економскиот сектор од кој практично се обезбедува платата на тие службеници, со овие измени ќе работи подолго од администрацијата. Сметам дека причината е лукративна во пресрет на локалните избори и е своевидно додворување на околу 140.000 административци”, рече Давитковски за Локално.

Измените на законот се ставени на интернет страницата на системот енер.гов.мк на кој се објавуваат предлог закони и е во фаза на добивање коментари од заинтересираните страни.

К.В.С.

Слични содржини