Интервјуто на премиерот Зоран Заев за бугарската агенција „Бгнес“ предизвика лавини реакции во јавноста.Дел од челновите од македонско-бугарска историска комисија се оградија од изјавата на премиерот.
„Бугарија не е фашистичка земја, Бугарија е наш пријател. Новите генерации не ја знаат целата оваа реалност и таа мора да нѐ обедини. И во Северна Македонија и во Бугарија, ова влијае на луѓето на многу погрешен начин. Ако некој си дозволи да ја оцрни Бугарија со ПР-публикации ширум светот, ќе сноси одговорност. Тоа нема да го дозволам. Државата не учествува во тоа“, рече премиерот.
Прашан околу изјавата на претседателот Пендаровски за „живковистичка Бугарија“, премиерот кажа дека дека тој не е искусен политичар но е пријател на Бугарија.
„Верувајте ми, претседателот Пендаровски е пријател на Бугарија. Тој не е толку искусен политичар како Зоран Заев, бидејќи пред тоа работеше за Борис Трајковски, Бранко Црвенковски, тој беше национален координатор за НАТО во мојата влада. Тој е сериозна јавна личност и е целосно посветен на пријателството со нашите соседи и Република Бугарија, и секако, на интеграцијата во НАТО и ЕУ“, рече Заев.
Пендаровски без коментар
Претседателот Стево Пендаровски не излезе со официјален став и коментар за интервјуто на премиерот Зоран Заев за бугарската новина агенција „Бгнес“
Пендаровски не сака да ја коментира изјавата на премиерот Зоран Заев во која го нарече „не толку искусен политичар, како што е Зоран Заев“.
Членови на македонско-бугарската комисија се оградуваат од изјавите на Заев
Дел од членовите во македонско-бугарската историска комисија се оградуваат од ставовите на премиерот Зоран Заев искажани во интервјуто за бугарската новинска агенција БГНЕС.
П рвата реакција е на Љубица Спасковска, која вели дека ги осудува последните изјави на премиерот и апелира политичарите да се воздржуваат од тврдења кои не се во нивни домен на познавања и експертиза.
„Во цела западна историографија и во доменот на јавна историја терминот окупација е општоприфатен и за улогата на Бугарија во Втората Светска Војна доволно говори мировниот договор потпишан со сојузниците вклучително и со Македонија како дел од Југославија во 1947“,вели таа.
Потоа се огласи и Огнен Вангелов, член на Комисијата кој го сподели ставот на Спасковска.
Опозициската ВМРО – ДПМНЕ веднаш реагираше на интервјуто
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска на вонредна прес-конференција искажа загриженост од наводите во последното интервју на премиерот Заев, потенцирајќи дека тоа што тој го кажал може да го начне македонскиот идентитет.
„Ги предупредувам во Владата на Заев да не си играат и да го начнуваат македонскиот идентитет, бидејќи на тој начин ќе се соочат со сиот гнев на македонскиот народ и македонската нација, не само тука во Македонија, туку каде било во светот. Македонскиот народ го повикувам внимателно да ги следи овие денови кои што се пред нас, внимателно и будно заеднички со ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата да следиме што преговара Зоран Заев и на што се е спремен, а потоа на соодветен начин, ако на каков било начин го навреди македонскиот идентитет да реагираме и да го спречиме. Јас ќе бидам прв во таа борба“, рече Мицкоски.
Нешков тврди дека Димитров зборува против Бугарија
Бугарскиот новинар и сопственик на агенцијата „БГНЕС“ Љубчо Нешков тврди дека македонскиот вицепремиер за евроинтеграции Никола Димитров е поопасен од коронавирусот за Софија, во гостување на телевизијата „Бугарија Он Ер“ пред два дена.
„Ветото е логичен крај на политиката на лажење, измама и омраза која што почна пред 10-тина месеци во соседна Македонија. Таму си има и конкретен виновник за тоа што се случува, по тоа прашање и тоа е поранешниот министер за надворешни работи, сега министер за евроинтреграции Никола Димитров, кој брутално почна да ги саботира меѓусебните односи, почна да оди по европските држави. “, кажа Нешков.