Делчева-Диздаревиќ: Зарем јас како ќерка на Ѓорѓи Делчев би се заложила за бришење на историјата во полза на Бугарија?

од Vladimir Zorba
1,2K прегледи

Раководителката на Институтот за педагогија Јасмина Делчева- Диздаревиќ е шокирана од критиките кои дојдоа од колегите од нејзината фела на сметка на нацрт концепцијата за основно образование.

Во интервју за „Локално“, како неприфатлива ја посочува леснотијата на отфрлање на предложените решенија без аргументи и стручна дебата.

„Половина и повеќе од професорите на Филозофскиот факултет или се против или не се изјаснуваат срамејќи се од начинот на којшто останатиот дел од професорите реагираа’’, вели Диздаревиќ.

Повторува дека предметот историја нема да се отфрли и вели: „Зарем јас како ќерка на Ѓорѓи Делчев, еден од првите учители во Пиринска Македонија во 1946 год. би се заложила за бришење на историјата во полза на Бугарија?“

Една сте од ретките која се одважи да застанете во одбрана на предлог концепцијата за основно образование. Дел сте од работната група која работи на реформите. Како ги доживеавте бројните критики, особено оние од колегите од вашата фела?

– Деновиве бевме сведоци на низа гостувања во медиумите на сите учесници и креатори на концепцијата, каде што детално беше објаснето што се прави во оваа фаза. Исто така, самата концепција беше јавно презентирана со сите експерти и вработени во БРО ( Биро за развој на образованието) коишто учествуваа во нејзината подготовка, што укажува на огромната посветеност и заложба истата да биде прифатена. Критиките ме шокираа. Запрепастена сум од леснотијата на отрфлањето на предложените решенија без аргументи. Ќе ви дадам само еден пример. Се појавија написи во медиумите кои со сарказам „најавија’’ дека учениците ќе учат јога и пилатес, без да се види дека тоа се само примери на можни избори на учениците, а уште повеќе што и на студиските програми на Факултетот за физичка култура се изучува и јога и пилатес. Затоа велам, со стручни аргументи и контра аргументи ќе разговарам со сите, но никогаш на лична основа.

Институтот за педагогија каде што и вие работите искажа сериозни забелешки во однос на нацрт концепцијата, заклучувајќи дека може да предизвика сериозни проблеми во образованието. Како ја објаснувате ситуацијата во која самите педагози имаат спротиставени ставови?

– Да, имаме различни ставови и тоа е добро, бидејќи само така науката ќе се развива. Но, ако го прочитате писмото ќе видите дека во него нема материјална расправа, туку само генерални заклучоци, без никаква анализа. Ќе повторам, сакам стручно да разговараме. Не може да излезете со генерални заклучоци без конкретни аргументи и конкретни предлози.

Речиси и да нема институт, здружение или друштво при факултетите кои во изминатиот период не излегоа со негативни забелешки. Најмногу реакции предизвика обединувањето на предметите, особено историјата.

– Не е точно дека сите инститиути и сите факултети се против новата концепција. Бројките кажуваат доволно, половина и повеќе од професорите на Филозфскиот факултет или се против или не се изјаснуваат срамејќи се од начинот на коишто останатиот дел од професорите реагираа. Ставови на фејсбук, напади на неистомисленици не е својствено за расправа во академска средина. Исто така веќе е дегутантно да зборуваме дека историјата нема да се изучува.

Јас сум ќерка на Ѓорѓи Делчев, еден од првите учители во Пиринска Македонија во 1946 година. Зарем мислите дека јас како негова ќерка би се заложила за бришење на историјата во полза на Бугарија? Моите национални чувства, мојот патриотизам никогаш не биле спорни. Повторно ли некој сака да не стави во позиција и да дели на патриоти и предавници!? Јас одбивам да учествувам во таква дискусија. Јас можам да зборувам само за стручниот дел, за придобивките на оваа реформа.

Напротив, сега професорите по историја ќе имаат можност да понудат изборни предмети, и уште повеќе да ги заинтересираат и научат учениците за историјата. Доколку на пример, учениците покажуваат повеќе интерес за некој историски настани, личности или периоди, професорот по историја ќе биде во можност да понуди свој дополнителен изборен предмет, со кој ќе се задоволат интересите на учениците.

Секако, овие изборни предмети само ќе се надоврзат на основните содржини и теми од историјата. Да нагласам, наставната програма по историја ќе ја пишуваат историчари; тоа така било и така и ќе остане. Тие ќе одлучуваат што ќе се учи, а ние како педагози и психолози сме тука да им помогнеме да го најдат правилниот приод кон реализација на наставата.

Како дилема се постави прашањето дали работите требаше да одат побавно, односно прво да се соберат и слушнат мислењата на фелата, а потоа да се излезе со нацрт концепцијата?

– Пред изработка на Концепцијта се земени сите анализи, истражувања и извештаи на домашни и странски организации за состојбите во нашето образование. Ќе ги споменам извештаите со резултатите на ПИСА, извештајот на ОЕЦД за нашето образование, на УНИЦЕФ, на Светска Банка, на многубројни проекти што се реализирале во училиштата. Колегите на Институот за педагогија, тоа добро го знаат, бидејќи и самите учествувале во нив и биле поборници за реформи.

Концепциите ги носи Министерството за образование и наука. Избор на министерката е каков приод ќе има. Министерката Царовска ја следи востановенета практика и кога се работат вакви документи, се отвара јавна расправа и се очекува сите заинтересирани страни да дадат свое видување и предлози за подбрување на Концептот. Така и сега, јавната расправа е започаната и ќе трае до 20.01.2021 година.Се надеваме дека ќе има широка расправа и дека ќе добиеме конструктивни предлози, поткрепени со аргументи за подобрување на нацрт концепцијата.

Во оваа работна група има доктори по педагошки науки, доктори по психолошки науки, претставници од Бирото за развој на образованието и практичари од предметната и од одделенската настава. Постои голема и широка дебата и помеѓу нас, во однос на тоа како ќе се движи процесот.

За крај, сакам да потенцирам дека оваа концепција предвидува начин на учење каде учениците ќе се здобијат со вистински применливи знаења. Оваа предлог концепција ќе им овозможи да стекнуваат знаења не само преку задолжитечните предмети, туку и изборните предмети, воннаставните активности и сите други можности што ќе ги нуди новото училиште. Кога ќе успееме да ги направиме среќни и задоволни учениците во нашите училишта, ќе знаеме дека сме на вистинскиот пат. А тој пат го нуди токму оваа концепција со понудените решенија.

Исто така, за прв пат наставниците ќе бидат ослободени од макотрпната, измачувачка администрација, и ќе можат целосно да се посветат на тоа што најдобро го знаат, да поучуваат. Тие ќе добијат голема слобода при реализацијата на наставата, што ќе ја ослободи нивната креативност и желба за работа, и, се надевам, ќе ја врати насмевката на нивните лица.

К.В.С.

Слични содржини