Делегација на Стопанска и индустриска комора од Турција во посета на ССК

од Radmila Tasevska
217 прегледи

Претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија Трајан Ангелоски и  потпретседателите Орце Симов, Сашо Дукоски и Аркан Керим беа домаќини на голема делегација на турски бизнисмени од Стопанската и индустриска комора на Чорлу, Турција предвидена од претседателот Изет Волкан. На средбата се дискутираше за можностите за унапредување на економската соработка, со фокус на инвестиции.

Претседателот на Сојузот, Ангелоски истакна дека меѓу двете држави веќе е изградена блиска билатерална и динамична соработка на сите нивоа, што се смета за предност која може да се искористи и за воспоставување на директни релации меѓу бизнис заедниците.

„Република Турција постојано е меѓу нашите најзначајни трговски партнери и континуирано инвестира во македонската економија. Во релациите и комуникациите кои се воспоставени меѓу бизнис заедниците од двете земји, секогаш воодушевува високо професионалниот пристап во работењето на турските компании“, истакна Ангелоски.

Тој додаде дека унапредувањето на економската соработка помеѓу двете земји е од особено значење за развојот на поширокиот регион на Југоисточна Европа, бидејќи пазарот во нашата држава е тесно поврзан со пазарите во Србија, Бугарија Косово, но е близок и со пазарот на ЕУ.

Претставниците на турските компании кои доаѓаат од различни стопански сектори ги претставија своите деловни активности и изразија голем интерес за воспоставување на нови контакти и соработки. Тие истакнаа интерес за инвестирање во нашата земја, но и мислење дека постои потреба од поедноставување на процедурите. Изразија и подготвеност да се организира и настан за претставување на можностите за инвестирање пред пошироката бизнис заедница во Чорлу. Стопанската и индустриска комора на Чорлу е една од најстарите бизнис организации во Турција која има околу 10.000 членови-компании кое се активни во сите економски сектори.

Претставниците на двете комори споделија заеднички заклучок дека постои голем потенцијал за интензивирање и продлабочување на досегашната соработка меѓу бизнис-заедниците, особено во делот на енергетика, автомобилска индустрија, иновациите, новите технологии. Коморите заеднички ќе работат на меѓусебното поврзување, размена на искуства, контакти, заедничко инвестирање, со цел создавање на производи со повисока додадена вредност и овозможување на повисок раст и развој на двете економии.

Слични содржини