Делегации на Русија и Кина на воената парада на Северна Кореја

од Stefanija Kuzmanovska
256 прегледи

Северна Кореја покажа нови беспилотни летала, нуклеарни ракети и балистички ракети на големата воена парада во главниот град Пјонгјанг, во присуство на лидерот Ким Џонг Ун и делегации од Русија и Кина, објавија во петокот државните медиуми.

Како што јави „Хина“, повикувајќи се на „Ројтерс“, со воената парада во четвртокот вечерта беше одбележана 70-годишнината од крајот на Корејската војна, која се слави како „Ден на победата“ на северот на Корејскиот полуостров.

Странски гости

За првпат од избувнувањето на пандемијата на КОВИД-19, на воената парада имаше гости од странство, поточно делегации од Кина и Русија, меѓу кои и рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу.

Нивното појавување на настан фокусиран на нуклеарните ракети (кои Советот за безбедност на ОН ги забрани, со гласовите на Кина и Русија) претставува промена во споредба со претходните години кога Пекинг и Москва се обидоа да се дистанцираат од развојот на нуклеарната програма на Северна Кореја.

На споменатата парада можеше да се забележат најновите интерконтинентални балистички ракети Хвасонг-17 и Хвасонг-18, чиј дострел е доволен за погодување на која било цел во САД, пренесува државната новинска агенција. Дел од програмата беше и прелетување на шпионски авиони.

Министерот за одбрана, генерал Канг Сун Нам, во својот говор ги обвини САД и нивните сојузници за подигање на тензиите во регионот.

Слични содржини