Демант на Агенцијата за разузнавање за т.н. операција „Атлантик“

од Radmila Tasevska
467 прегледи

Агенцијата за разузнавање најостро го демантира текстот со наслов „Власта ја реактивира операцијата „Атлантик“ со цел кршење на Мицковски и ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени“, објавен на 22.08.2023 г. на порталот „Expres.mk“ , во кој се изнесени дезинформации и лажни вести, велат од Агенцијата за разузнавање.

„Авторот на текстот Г.М. ја наведува Агенцијата за разузнавање дека е дел од т.н. операција „Атлантик“, која според авторот има за цел оперативно да ги обработува политичките неистомисленици преку физичко и електронско следење на комуникациите.

Агенцијата за разузнавање најостро ги отфрла овие малициозни тврдења изнесени од авторот во порталот „Еxprеs.mk“ и потенцираме дека Агенцијата за разузнавање нема заведено операција со такво кодно име, односно не е дел од заедничка операција со домашните служби, ниту пак со сојузниците од НАТО и ЕУ.

Во врска со наводите во текстот дека т.н. операција „Атлантик“ е продолжение на активности започнати во 2017/ 2018 г., прецизираме дека во тој период Агенција за разузнавање е раководена од друг директор, именуван од претходниот претседател на државата.

Ве уверуваме дека Претседателот на РСМ, г. Стево Пендаровски не се меша во работата на Агенцијата, ниту пак дал наредба за следење на активностите на политичките неистомисленици.

Потенцираме дека работењето во интерес на странска хибридна стратегија во корист на држава која РСМ ја означила како непријателска земја, претставува легитимен таргет на Агенцијата за разузнавање, исто како и работењето во корист на организирани криминални групи кои се закана за националната безбедност на нашата држава.

Ваквите малициозни текстови имаат за цел да го нарушат угледот на Агенцијата којашто во изминатиот период се позиционира како значаен субјект од безбедносниот апарат во нашата држава и релевантен партнер на нашите сојузници од НАТО.

Апелираме до македонските медиуми да се воздржуваат од објавување текстови со тендициозен карактер кои содржат лажни информации чијашто единствена намера е подривање на безбедносните институции во нашата држава“, стои во соопштението на Агенцијата за разузнавање.

Слични содржини