
За објективно информирање на јавноста министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја пренесува целосната изјава на министерот Михаил Цветов дадена во интервју кое што дополнителниот заменик министер Љупчо Николовски го злоупотреби за, со реченици извадени од контекст да ја манипулира јавноста и да пласира неосновани обвинувања. Цитираме:
„Трансмет го има добиено и тендерот за изградба на системот за наводнување Равен – Речица, кој што на електронска аукција од 14 милиони е намален на 8,5 милиони евра, и имаме намалување од повеќе од 5,5 милиони евра од проектната цена. Тие се нафатиле дека можат за тие пари да го направат. Кога кажувате дека му се дадени парите да појасниме, не му се дадени, тој ги заработил. За изградба ние бираме и надзор кој е независна куќа, кој одговара пред законот и сите ситуации се потпишани од надзорот, од изведувачите, од сите сектори во министерството и на крај од мене.“
Во интервјуто, исто така, е наведено дека за сите тендери што министерството ги распишува во водостопанството, изборот се врши по пат на електронска аукција, онаа фирма која ќе даде најниска понуда за изградба на проектот – го добива тендерот.
Во постапка е и тендер за изведувач на браната Речани, на кој што се јавени 7 фирми, од кои три македонски и четири странски. Комисијата работи на евалуација на понудите и оние фирми кои ќе ги исполнуваат условите во тендерот, ќе учествуваат на електронска аукција, по што ќе биде избрана фирмата која ќе даде најниска цена.