Демант на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија,

од desk3
144 прегледи

Во врска со одржаната прес конференција на СДСМ пред Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија, сакаме на јавноста да и ја претставиме фактичката состојба на оваа Клиника. Воедно, апелираме да не се злоупотребува во политички цели оваа исклучително чувствителна група на пациенти во обид да се креира комплетно лажна слика во јавноста за третманот кој лицата со малигни заболувања го добиваат на Клиниката.

DEMANT

Фактите говорат дека листата на чекање за добивање зрачна терапија е комплетно анулирана. Во споредба со 2012 година, кога се чекаше од 3-4 месеци, денес време на чекање за радиотерапија практично нема, односно пациентите чекаат најмногу до три дена колку што е потребно за подготовка за оваа терапија.

Повеќе од двојно го зголемивме капацитетот на Клиниката за амбулантски прегледи. За разлика од пред неколку години кога функционираа вкупно 9 амбуланти, денес Клиниката за онкологија има 20 комплетно опремени амбуланти кои овозможуваат многу побрз и поефикасен проток на пациенти, а што е најважно за пациентите – побрзо добивање на потребната здравствена услуга.

Со воведувањето на методата IMRT – Радиотерапија со модулиран интензитет овозможивме сериозно унапредување на грижата за најтешко болните, односно лицата со малигни заболувања. Со нејзината примена се овозможува зголемена прецизност на зрачниот третман, односно зголемена локална контрола на малигниот процес, што овозможува и зголемено преживување со подобар квалитет на живот.

Во периодот од 2012 до денес, на Клиниката за радиотерапија и онкологија се инвестирани околу 50 милиони денари за набавка на нова, најсовремена медицинска опрема од која бенефит имаат пациентите.

Комплетно е реконструирана хистопатолошката лабораторија, а со набавката на дополнителната опрема, која е во тек, за 4 пати ќе се зголеми капацитетот на работа на оваа лабораторија. За 4 пати побрзо пациентите ќе ги добиваат потребните резултати.

Завршени се градежните работи за формирање на комплетно нов кабинет за централна гравиметриска подготовка на хемотерапија.

Со цел да го олесниме пристапот на пациентите до потребната терапија на Клиниката, за која досега беа приморани да патуваат до Клиниката од било кој регион во Македонија, воспоставивме нов концепт на дисперзирано давање терапија, поблиску до местото на живеење на пациентите.

ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија-Скопје