Во недостиг на идеи за подобрување на состојбите во земјоделството, дополнителниот заменик министер Љупчо Николовски денеска, по кој знае кој пат, се обиде да манипулира со јавноста и да изнесува неосновани обвинувања, а се со цел добивање ситни политички поени.

Имено, во обид да обвини за наводни незаконски исплати субвенции на фирмата „ЗЕМСИЛ“, Николовски со одлуката на Комисијата од 15. Јануари оваа година, дека фирмата е должник, ја оспорува исплатата на субвенции за 2014 година.
Сакаме да ја информираме јавноста дека на „ЗЕМСИЛ“, како земјоделско стопанство кое се занимава со земјоделство, нормално дека му следуваат субвенции и поволности кои ги овозможува Владата, па и користење на средствата од Јапонскиот фонд. „ЗЕМСИЛ“ за 2014 година редовно ги има исплатено сите рати за купената механизација, така што тука нема никакви злоупотреби.
Злоупотреби нема и во наредниот период бидејќи во 2015 година беа направени измени во Законот за земјоделство и рурален развој, со кои се дозволува компензација на неплатени долгови на земјоделските стопанства према МЗШВ, каде што влегуваат и неплатените долгови од јапонската помош. Тоа значи дека доколку „ЗЕМСИЛ“ не ги платил ратите за лани, истите ќе му бидат компензирани (наплатени) од субвенциите за 2015 година и тоа со законска затезна камата. Со таа компензација ќе биде исплатен целиот долг од Јапонската помош.
Од сето ова се гледа дека не само што нема криминал и злоупотреби, туку и дека „ЗЕМСИЛ“ е едно од земјоделските стопанства кои редовно и во целост ги исплаќаат своите обврски кон државата.
Тоа не може да се каже за фирмите кои добиваа помош од државата во времето кога со Министерството за земјоделство раководеше СДСМ. Во тој период, односно кога министер за земјоделство беше Славко Петров, 2002-2004 година, беа направени најголемите злоупотреби со Јапонската помош, при што земјоделски стопанства преку невалидни документи добиваа механизација од Јапонската помош. Таков е случајот со 50-ина трактори за кои е потпишан договор на кој стои само име и презиме, без матичен број, без печат од МЗШВ и без архивски број. Штетата за државата од овој криминал е речиси 8 милиони денари, плус камата, кои нема начин да се наплатат.