Околу 54.000 лица заклучно со денешниот ден, доцнат со пријавата во системот за евиденција на невработени лица на Агенцијата за вработување. Во списокот се лица кои активно бараат работа и пасивни баратели на работа исто така, информираше директорот на АВРСМ, Абдуш Демири.

„Јавно ги повикуваме сите оние лица кои ги надминале роковите за пријава во евиденцијата на Агенцијата за вработување, во наредните 30 дена, почнувајќи од утре, да дојдат во центрите за вработување каде се евидентирани за да ја регулираат својата обврска, како активни или пасивни баратели на работа“, истакна Демири.

Демири информира дека согласно Законот, лице кое е евидентирано како активен барател на работа е должно лично да се јавува во Агенцијата за вработување на секои 30 дена. Лице кое е евидентирано како пасивен барател на работа, треба да се јавува на секои шест месци.

Во спротивно, како што посочи директорот, Агенцијата за вработување ќе биде приморана да ги избрише овие лица од евиденцијата на невработени лица, со што ќе ги изгубат првата што ги имаат врз основа на овој статус.

„Затоа уште еднаш сакам да апелирам до сите активни и пасивни баратели на работа кои изминатиов период не се пријавиле во Агенцијата за вработување, да го сторат тоа во наредните 30 дена или најдоцна до 19 март 2021 година“, потенцираше Демири.

Тој најави дека Агенцијата за вработување во наредните 30 дена ќе доставува и редовни соопштенија и преку медиумите ќе ги информира граѓаните.

Истовремено посочува дека во Агенцијата за вработување до 31 јануари 2021 година евидентирани биле вкупно 158.681 невработени лица како активни баратели на работа, а пасивни баратели на работа биле 90.293 лица.

Слични содржини