Специјалното обвинителство на Косово соопшти дека по смртоносните напади во селото Бањска на северот на Косово во неделата се приведени шест лица и тие се осомничени за повеќе кривични дела, од кои едното и за тероризам.
„Станува збор за напад врз уставниот поредок на Косово, подготовка на терористички акти или криминални дејствија против уставниот поредок и безбедноста на Косово, поседување, контрола или неовластено поседување оружје“, соопшти обвинителството, пренесува Танјуг.
Обвинителството соопшти дека во акцијата во неделата биле запленети возила со значително количество оружје. Уапсените добија притвор до 48 часа.
Во понеделникот на северот на Косово беше мирно, откако завчера во размена на оган меѓу вооружена група и полиција загинаа еден полицаец и тројца напаѓачи, а повеќе беа уапсени и ранети.
Напаѓачи со оклопни возила во неделата упаднаа во село во регионот на северно Косово со мнозинско српско население, судирајќи се со полицијата и се забарикадираа во православен манастир.
Косовската полиција соопшти дека еден полицаец и тројца од околу 30 напаѓачи биле убиени во престрелка околу селото Бањска.
Монасите и аџиите беа затворени во српскиот православен манастир за време на повеќечасовната опсада.