Денеска итен состанок на СЗО поради новиот сој на коронавирусот

од Milan1
343 прегледи

Светската здравствена организација (СЗО) денеска ќе одржи итен состанок за новиот вид на коронавирус откриен во Африка, кој може да има зголемен број мутации, објави британски „Фајненшл тајмс“.

Тулио де Оливеира, директор на Центарот за реакција при епидемијата и иновации во Јужна Африка, им ја пренесе на претставниците на СЗО својата загриженост во врска со варијантата на ковид Б.1.1.529, за која се стравува дека досега е идентификувана како најлошата варијанта на ковид.

После тоа, СЗО одлучи да одржи вонредна седница, изјави Де Оливеира за „ФТ“.

Експертите на СЗО, наводно, ќе разговараат дали новиот вид треба да се дефинира како нешто што предизвикува „загрижување“.
За време на вчерашната прес-конференција, Тулио де Оливеира изјави дека новиот сој има многу голем број мутации, што носи ризик од брзо ширење на болеста.

Според последните податоци, вкупно 77 лица се дијагностицирани со оваа варијанта на коронавирус во Јужна Африка. Исто така, ѝ биле дијагностицирани четири лица во Боцвана и едно во Хонг Конг (лице кое дошло од Јужна Африка).

Некои светски лидери веднаш реагираа на веста за појавата на новиот вид, најавувајќи нови мерки на претпазливост и ограничувања за патување, додека берзите ширум светот доживеаја пад предизвикан од неизвесноста, пренесува Танјуг.

Индиските здравствени власти денеска ги ставија на подготвеност сите држави, барајќи да спроведат „ригорозен преглед и тестирање“ на патниците кои пристигнуваат од Јужна Африка, Боцвана и Хонг Конг, како и да ги следат и тестираат нивните контакти.

Нов Зеланд, исто така, внимателно ги следи глобалните совети за новата варијанта, а вицепремиерот Грант Робертсон вели дека новата варијанта е „вистински повик за будење за сите нас“, како и индикатор дека оваа пандемија сè уште трае.

Д-р Марија Ван Керкове, техничкиот лидер на СЗО за ковид-19, на вчерашната прес-конференција рече дека се уште не се знае многу за оваа варијанта.

„Она што го знаеме е дека оваа варијанта има голем број на мутации. И загриженоста е дека кога имате толку многу мутации, тоа може да влијае на тоа како се однесува вирусот“, рече Ван Керкове.

Таа додаде дека истражувачите ќе се состанат за да „разберат каде се овие мутации и што потенцијално можат да значат“ во однос на тоа дали е повеќе пренослив или дали има потенцијал да избегне имунитет.

Слични содржини