Американскиот актер Дензел Вашингтон, познат по улогите во филмските класици како „Malcolm X“ (1992), „Training Day“ (2001), „Man on Fire“ (2004), „American Gangster“ (2007), „The Equalizer“, во едно неодамнешно интервју откри дека планира да се повлече од актерството.
Вашингтон на 69 години ќе се појави во филмот „Гладијатор II“ во режија на Ридли Скот, а планира и римејк на култниот филм „High and Low“ на Акира Куросава, во кој повторно ќе се здружи со режисерот Спајк Ли.
Вашингтон во емисијата „Тoday“ потврди дека ќе се пензионира по проектите кои сега се во фаза на работа. Имено, по „Гладијатор II“ открива дека ќе портретира неколку иконски шекспировски ликови и ќе се појавува во филмови на познати режисери како Стив Меквин и Рајан Куглер.
Куглер дури го ангажираше за улога во третиот дел на „Black panther“.
Вашингтон изјавил: „Не знам уште колку филмови ќе снимам. Веројатно не премногу. Сакам да правам работи што не сум ги правел досега. Го играв Отело кога имав 22 години, а сега ќе го направам тоа на 70 години. После тоа го играм Ханибал, па разговарам со Стив Меквин за еден филм. После тоа, Рајан Куглер ми пишува улога во следниот Black panther, па ќе снимам филм за Отело. Потоа ќе го играм кралот Лир, па ќе се пензионирам“, изјавил актерот.
Вашингтон, добитник на два Оскари, ужива голема репутација како актер кој успешно одиграл сериозни, наградувани улоги, како и во забавни филмови за пошироката публика.