Експертите кои го истражуваат случајот со малезискиот Боинг, кој исчезна од радарот на 8 март 2014 година, сметаат дека пилотот Закарија Ахмад Шах намерно го урнал авионот и ги убил патниците.
Пилотот, кој страдал од депресија, според истражителите, честопати го менувал правецот на летот на авионот, со цел да ги покрие неговите траги.
Авионот МХ370 кој исчезна на летот од Куала Лумпур до Пекинг е мистерија до денес, како и судбината на 239 патници и членови на персоналот.
Се изгуби од радарот
Најновиот извештај сугерира дека пилотот на тој судбоносен лет внимателно ја испланирал рутата за да не остави траги пред авионот да падне во Индискиот Океан, пишува британскиот весник „Мирор“.
Менувајќи го правецот на движење, авионот одеднаш исчезнал од радарот и бил снимен само на воениот радар непосредно пред падот.
Пилотот Закарија Ахмад Шах намерно ги однел со себе во смрт сите патници и членови на екипажот, според инженерот Ричард Годфри.
– Се чини дека знаеше за работното време на радарите „Сабанг“ и „Локсејмава“, знаеше дека нема да бидат активни за време на викендите, во време на послаб меѓународен сообраќај – тврди Годфри во својот извештај.
Тој нагласува дека пилотот очигледно внимателно ги испланирал и избегнувал рутите на комерцијалните летови.
– Тој не беше толку загрижен за потрошувачката на гориво, вложи повеќе напор да остави лажни траги. Значителен број на промени во маршрутата и брзината сугерираат дека пилотот бил активен за време на летот – објаснува Годфри.
Вознемирен и осамен
Француските истражители добија многу информации од компанијата „Боинг“ за исчезнатиот лет МХ370, кои може да ја откријат конечната причина за мистериозната несреќа.
И тие заклучија дека капетанот Закарија Ахмад Шах е вознемирен и осамен човек кој намерно ги уби сите патници и членови на екипажот.
Пилотот имал „контрола до самиот крај“, наведуваат тие и забележуваат дека доказите покажуваат дека несреќата била убиство и самоубиство.