Претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, во своето обраќање на конференцијата „Односи меѓу заедниците: Перцепции, надежи и стравови, предизвици и решенија“ во организација на ЦИВИЛ-Центар за Слобода, вели дека перцепцијата за „различните“ или „другите“, што и да подразбираат тие поими, во несигурен и поларизиран свет во кој се води голема војна во Европа, неизбежно и сé повеќе е заснована на омаловажување и недоверба.
Центрите на моќта кои се во војна за уништување на вредностите што се подразбираат под демократија и човекови права и слободи, долго време ја водат таа војна за уништување на тие вредности.
„Последица на тоа се општества кои се поларизирани и во кои перцепцијата за другите е пропорционална со нивото и интензитетот на поларизација и контаминација со длабоко вкоренети предрасуди и стереотипи, кои лесно прераснуваат во презир, нетрпеливост, омраза и отворено насилство. Другите не се вредни (дури ни истиот воздух да го дишат со нас), но затоа сакаат да го грабнат и уништат тоа што е наше. А тоа што е наше е свето, највредно од сите, ни припаѓа само нам. Сме го стекнале низ вековите со страдалничка борба и крвави жртви“, вели тој.