Деркоски: Нова апликација ќе овозможи ДИК многу брзо да излезе со првични неофицијални резултати од изборите

од Vladimir Zorba

Претседателот на Државната изборна комисија Оливер Деркоски на два дена пред почетокот на тридневното гласање за предвремените парламентарни избори на 15 јули за МИА оценува дека Комисијата направила максимални напори да се организираат безбедни и транспаретни избори.

Очекува гласањето и 15 јули да поминат мирно и достоинствено и оти нашите граѓани ќе покажат високо ниво на политичка свест и култура. Ги повика граѓаните да излезат и да гласаат и да бидат сигурни дека се здравствено заштитени.

– Би сакал да ги повикам граѓаните да излезат и да гласаат и притоа да бидат сигурни дека на избирачките места се сосема сигурни и здравствено заштитени затоа што ние ги дезинфициравме сите гласачки места, обезбедивме доволни количини заштитни средства за сите членови на изборната администрација но и за секој граѓанин кој евентуално нема заштитна маска, доволно дезинфициенси, ракавици и доволно пространи избирачки места, вели тој.

Оваа година со примена на нова апликација, продолжува Деркоски, претседателите и замениците на избирачките одбори ќе имаат обврска да доставуваат податоци за излезноста по истекот на секои два часа во текот на денот, а по затворањето на гласачките места и по утврдувањето на резултатот со помош на истата апликација ќе се овозможи брз трансфер на резултатите со што ДИК ќе може да излезе со првични не официјални резултати многу брзо.

Слични содржини