САД се борат да ја забрзаат евакуацијата од аеродромот во Кабул, ограничена со пречки од вооружените пунктови на Талибанците до проблеми со документите.
Десетици илјади луѓе чекаат да бидат евакуирани од земја во хаотична ситуација.
Талибанските контролни пунктови околу аеродромот во Кабул претставуваат големи пречки за Авганистанците, кои стравуваат дека тие се главната цел на одмазда за соработка со Западот.
Стотици Авганистанци, кои немаат одобренија за евакуација, исто така се собраа пред аеродромот, создавајќи дополнителен хаос, поради што некои од оние со соодветни документи не успеваат да се качат во авионот.
Портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс, во Вашингтон изјави дека одобрени се 6.000 лица за евакуација и дека се очекува во наредните часови да се качат на воени авиони. Тоа е значително поголема бројка во споредба со претходните денови.
„Околу 2.000 луѓе се евакуирани во последните два дена“, изјави портпаролот на Пентагон, Џон Кирби.
Кирби рече дека војската располага со авиони за евакуација на 5.000 до 9.000 луѓе дневно, но до четврток, значително помалку луѓе можеле да стигнат до аеродромот.
Кирби им рече на новинарите дека во тек се напори за забрзување на обработката на документите и дека се ангажирани дополнителен број конзуларни службеници на Стејт департментот за да ги проверат документите на Американците и Авганистанците кои успеале да стигнат до аеродромот.
Со сегашното темпо, на САД ќе им биде тешко да ги евакуираат сите Американци и оние Авганистанци кои имаат услови да ја напуштат земјата до 31 август.
Претседателот Џозеф Бајден во средата рече дека американските војници ќе останат во Авганистан додека не се евакуира последниот Американец, дури и по истекот на рокот за повлекување на 31 август.