Авиоиндустријата често зборува за ниски маржи на профит и финансиски проблеми што водат многу компании кон загуби или дури и банкрот.
Сепак, и покрај бројните предизвици, неколку авиокомпании успеаја да остварат значителен профит во 2024 година, докажувајќи дека сè уште е можно успешно да се работи во оваа индустрија и денес.
Кој ја носи круната на профитабилноста?
„Емирати“ e шампион меѓу авиокомпаниите во 2024 година кога станува збор за профитабилност. Компанијата оствари нето добивка од 4,7 милијарди долари, со вкупни приходи од 33 милијарди долари. Високата маржа на профит од 14,24% е резултат не само на растот на бројот на патници, туку и на оптимизацијата на возниот парк и трошоците. Уште поимпресивно е што „Емирати“ го надмина овој износ во фискалната 2025 година, остварувајќи рекордна годишна добивка од 5,2 милијарди долари, дополнително зацврстувајќи ја својата лидерска позиција.
Втора на листата, „Сингапур ерлајнс“, оствари профит од 2,05 милијарди долари со приходи од 14,58 милијарди долари, што ѝ дава маржа од 14,06%. Оваа азиска компанија со години го гради својот имиџ врз висококвалитетна услуга и ефикасно управување со летови на долги релации, што ѝ овозможува да постигне стабилни финансиски резултати.
Интересно е што нискобуџетната авиокомпанија „Рајанер“ е исто така меѓу десетте најпрофитабилни, со профит од 2,07 милијарди долари и маржа од 13,65%. Овој резултат е особено значаен со оглед на деловниот модел, кој подразбира минимални трошоци и максимално искористување на возниот парк.
Стратегии со ниска цена – формула за профит или опасна игра?
Нискобуџетните авиокомпании како „Рајанер“ и „Саутвест“ традиционално имаат пониски приходи во споредба со големите национални превозници, но нивниот успех лежи во високата оперативна ефикасност. Благодарение на унифицираната флота, брзата ротација на летови и дополнителните услуги со доплата, тие успеваат да ја одржат профитабилноста дури и во економски неизвесни периоди.
Сепак, не секој успева. „Саутвест“, иако генерираше високи приходи, забележа релативно низок профит од 460 милиони долари, што му даде оперативна маржа од само 1,67% – далеку под глобалниот просек од 6,7%. Ова покажува дека дури и моделот со ниски трошоци има ранливости кога се соочува со неочекувани трошоци.
Американските гиганти на тест за ефикасност
Трите главни американски авиокомпании – Делта, Јунајтед и Американ ерлајнс – традиционално се меѓу најголемите во однос на приходите. Во 2024 година, Делта со приходи од 61,64 милијарди долари и профит од 3,46 милијарди оствари маргина од 5,61%. Јунајтед објави профит од 3,15 милијарди долари со маргина од 5,52%.
„Американ ерлајнс“, иако најголема по приходи меѓу американските авиокомпании (54 милијарди долари), се соочи со високи трошоци за работна сила, што резултираше со скромна добивка од 850 милиони долари и маржа од само 1,57%. Ова покажува дека доминацијата на пазарот не гарантира финансиски успех ако трошоците се превисоки.
Европски превозници – маржите се под притисок
Во Европа, „Луфтханза“ и „ИАГ“ водат по приходи. Групацијата „Луфтханза“, со брендови како што се „Свис“, „Аустриан“ и „Брaселс ерлајнс“, оствари приходи од 40,53 милијарди долари, но со маржа од само 3,73%. Главните причини за ова се бројните штрајкови и доцнењата во испораката на нови авиони.
ИАГ, кој ги вклучува Бритиш Ервејс, Ибериа и Вулинг, оствари профит од 3 милијарди долари со маржа од 8,67%, што ја прави значително поефикасна во споредба со другите европски конкуренти.
Во 2024 година, „Ер Франс-КЛМ“ оствари оперативен профит од 1,6 милијарди евра, со оперативна маржа од 5,1%. Ова е малку пониско од претходната година, делумно поради влијанието на Олимписките игри во Париз, кои го намалија бројот на туристи во текот на летото, но и поради еднократните трошоци поврзани со ИТ системот во секторот за товарен транспорт.