Десничарски бран ја зафати Европа: „Холандија под водство на антиевропеец, сигурно ќе стане уште покритична кон проширувањето на Западен Балкан“

од Nikola Popovski
409 прегледи

Италија, Австрија, Шведска, Полска, Словачка, а последна и Холандија почнаа да гаат симпатии кон екстремната десница и со политичарите кои ги пропагираат овие вредности. Парламентарните избори во Холандија ја потресоа политичката сцена бидејќи победи популистот Герт Вилдерс. Во политиката е 25 години, а по победата изјави „дека го доживеал најсреќниот ден во животот и дека само една година претходно неговата победа можела да се нарече лудило“. Вилдерс е познат и како „холандскиот Трамп“, делумно поради неговата фризура која наликува на онаа на поранешниот претседател на Соединетите Американски Држави, но и поради неговиот однос кон имигрантите и муслиманите. Тој порача дека „ќе се бори против мигрантското цунами“, но и дека ќе биде „премиер за сите“. Да не заборавиме дека тој силно се противи на политиката на ЕУ, како и на нејзиното проширување.

Зголемената популарност на десничарските партии е видлива и во други земји низ Европа, вклучително и Националното собрание на Марин Ле Пен во Франција и Алтернатива за Германија. Исходот од изборите во Холандија испраќа предупредувачки сигнали до главните партии низ Европа пред изборите за Европскиот парламент следната година, каде клучните прашања најверојатно ќе бидат исти како во Холандија – миграцијата, животниот стандард и климатските промени. Политичкиот аналитичар и колумнист Ивор Мицкоски смета дека Герт Вилдерс е многу работи покрај екстремен десничар, тој е посветен антиисламист, антиевропеец, филоруски е настроен, но вели дека се претерува со паниката околу некаков десничарски бран во Европа. Во разговор за „Локално“ вели дека Ле Пен, Салвини, АФД и Орбан оваа победа ќе ја слават како некаков пресврт кон европските избори, но веќе со италијанското искуство и победата на Мелони, се покажа дека „суверенизмот“ е доста разводнет и ослабнат.

-И Мелони имаше големи идеи за нови коалиции во рамки на ЕУ, но мислам дека таа опасност е отстранета и ќе гледаме реприза на стара-новата коалиција помеѓу социјалистите-народните-зелените и уште еден мандат за Фон дер Лејен. Што се однесува до Вилдерс, да, секако не е добра вест што еден до вчера „непреставителен“ политичар победи на изборите, но тоа е последица и на долгото, 13 годишно владеење на Руте. Наследничката на Руте, амбициозната Јесилгез, веќе изјави дека е отворена за коалиција, но и под услов Вилдерс да не биде премиер, додека другите партии на кои би можел да се надева носат премалку пратеници од потребните 76. Како и да е, играта е отворена, но најверојатно ќе биде потребно и многу време за составување Влада. Последниот пат на Холандија и беа потребни 271 дена за да направи Влада. Најверојатно, како што видовме кај многу десничари и суверенисти, на крајот секогаш преовладува реализмот и интересите. Холандија е сепак 5-та економија во ЕУ и не може да си дозволи екстремистички авантуризми, посочува Мицкоски.

Ивор Мицкоски

Според него, победата на Вилдерс е уште една главоболка за ЕУ, но лекот и за тоа ќе дојде како и секогаш од Берлин и Париз. Оценува дека тие ќе имаат задача да го „нормализираат“ Вилдерс и да не дозволат една Холандија, од решение за ЕУ и Европа, како историска земја основач, да се претвори во проблем.

-Проширувањето за Македонија стравувам дека и онака веќе е загрозено, што поради самите нас и простиот наратив „само Уставни и готово“, отсуството на реформи, криминалот и корупцијата, но и што поради внатрешните и реформски проблеми на Унијата, а секако и поради самиот проблематичен регион. Холандија под водството на еден антиевропеец или само со него во коалиција, сигурно ќе стане уште повеќе критична кон проширувањето на Западен Балкан, ако и досега не беше доволно, тврди соговорникот.

Брисел ќе ги преживее овие детски болести и сличните на Орбан, вели Мицкоски, но како што објаснува, тоа што евентуално нема да го преживее е ако не ја надмине својата краткогледост, и во однос на сопствената глобална проекција, и во однос на проширувањето.

-Демократијата дома, во секоја засебна земја, па и институционално во самата Унија е тоа што некогаш ќе и пресуди на добро или на лошо на Унијата. Мирот или ќе биде глобален или ќе го нема, исто како и војната. Европа има должност да ги искорени сите неправди и дискриминации ако не сака национализмите да превладеат. Со купување мир, како до вчера со Русија, со гаење стабилократии на Балканот, Европа нема да ги издржи предзивиците на новиот мултиполарен свет, а во исто време доминиран од светски сили, наведува аналитичарот.

На прашањето во каква Европа сакаат да живеат екстремните десничари и како би ја промениле, Мицкоски анализира дека нивната замисла е накаква „тврдина Европа“, бела, христијанска, богата, без мигранти и обезбедувана од Америка, а плаќана од Европа. Дециден е дека тоа е една опасна и краткогледа популистичка и националистичка идеологија која води само кон изолација, несоработка и пропаст.

-Искрено, повеќе од тие празни ветувања и јавање на бранот на разочарувања немаат што да понудат. Тоа не значи дека во се грешат, затоа што грешки постојат и кај прогресивните сили кои не знаат докрај да истераат со вредностите и политиките кои вокално ги прокламираат, порачува тој.

Околу состојбите на нашата политичка сцена, Мицкоски потенцира дека Македонија нема простор за екстремна десница, бидејќи нашиот два и пол партиски коалициски систем, е веќе екстремистички од поглед на криминал и корупција и системски ги уништува сите обиди за реформски и прогресивни политики.  Смета дека на сите им е јасна нашата безизлезна и безперспективна политичка реалност.

-Конечно, кај нас веќе е изгубена смислата да се говори за левица и десница, кога сите политички актери си наликуваат еден на друг, се копираат и имитираат, додека сложно одлучуваат за сопствените интереси и потреби. Сепак, не смее да се потцени загрижувачката тенденција дека кај младата популација и генерално кај сите, расте десничарскиот или националистички сентимент, дека луѓето се понаклонето гледаат кон авторитаризмот или владеење со „силна тупаница“. А што да се очекува кога никој тука не видел подобро или вистинска демократија, одговорност, праведност и правда, заклучува соговорникот, додавајќи дека евентуално, тоа што го бара народот – тоа и ќе го добие.

-Мислам дека е неизбежен процес на политичка радикализација, колку и тоа да е контрадикторно за една апатична земја која ита кон својата демографска и економско-финансиска катастрофа, ни рече Мицкоски.

Универзитетскиот професор Мерсел Биљали за „Локално“ истакнува дека на прв поглед изгледа дека ќе има пресврт во Европа, но реално има проблем – сепак ЕУ е голем број кој малите далгии не можат да го поминат.

Мерсел Биљали

-Сите анализи покажуваат дека умерената десница ќе биде во предност во однос на сегашната состојба, сепак ништо суштински нема да се смени, смета Биљали.

Според него, на ЕУ и претстои нешто поважно отколку тоа колку десницата може да доминира.

-Дали ќе може конечно да помине тоа што се вика важни реформи во рамките на функционирањето. ЕУ сега нема Устав. Има два акти- договор за ЕУ и договор за функционирање на ЕУ. Треба сега да се смени „Уставот“ на ЕУ. Треба консензус и како ќе изгледа понатаму ќе видиме, истакнува Биљали.

Ова е најчувствително прашање, според него.

Тој оценува дека полека Унгарија полека ги чувствува одредените санкции во однос на европските фондови.

-Мислам дека тоа е една лекција за сите држави. Италија функционира редовно. Не треба да се плашиме што ќе се случи со изборите во ЕУ, туку што ќе се случи тука кај нас, што не правиме, а што треба да правиме, дециден е Биљали.

Герт Вилдерс

Ројтерс забележува дека Вилдерс со години ја обликувал холандската политика од опозициските клупи, користејќи ја загриженоста за имиграцијата и поврзувајќи ја со пошироки прашања како што се трошоците за живот, домување и здравствена заштита.

Мејнстрим центристичките партии веќе усвоија построги политики за имиграцијата со цел да изгубат гласови од десницата, но ниту една од нив не се приближи до честите повици на Вилдерс за целосна забрана на миграцијата.

Британската агенција оценува дека поради владата предводена од Вилдерс најверојатно ќе се промени имиџот на Холандија во Брисел, но и односите со одредени партнери од ЕУ, но посочува дека членството на Холандија во ЕУ не е доведено во прашање и дека ова не е нешто за што потенцијалните партнери на Вилдерс се подготвени да преговараат.

Н.П.

Слични содржини