Националистичката и десно популистичка Партија на слободата (ПВВ) на Герт Вилдерс ќе биде убедливо најбројна политичка партија во новиот состав на холандскиот Парламент, покажуваат резултатите од излезните анкети од денешните предвремени парламентарни избори во Холандија.
Според анкета спроведена по нарачка на РТЛ и холандската државна телевизија НОС, ПВВ освоила околу 35 отсто од гласовите на изборите и ќе има 35 пратеници во новиот 150-член состав на Долниот дом на холандскиот Парламент или двојно повеќе од досегашните 17 пратенички места.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, на второто место се најде левоцентристичкиот блок на Лабуристичката партија (ПВДА) и Зелената левица (ГЛ) на Франс Тимерманс со околу 26 проценти од гласовите и 25 пратеници или осум повеќе од досега, пред конзервативно-либералната Народна партија за слобода и демократија (ВВД) на досегашниот премиер Марк Руре, која сега ја предводи Дилан Јешилѓоз-Зегериус со 23 отсто и 24 пратенички места или 10 помалку во споредба со нивниот досегашен број.
На четвртото место се најде новоформираниот десничарски Нов социјален договор (НСЦ) на Питер Омцигт со освоени 20 мандати, пред социјал-либералната партија Демократи 66 (Д66) со 10 мандати или 14 помалку од досега, пред десно популистичкото земјоделско Движење земјоделци-граѓани (БББ) со седум пратеници или шест повеќе.
По пет пратеници ќе имаат десноцентристичкиот Христијански демократски повик (ЦДА), 10 помалку од досега, и левичарската Социјалистичка партија (СП), четири помалку од досега, а еколошката Партија за правата на животните (ПВДД) ќе има четири пратенички места или две помалку.
Во првиот јавен настап пред членовите и симпатизерите на ПВВ во Шевенинген, Вилдерс изјави дека ваквите изборни резултати и носат „огромна одговорност“ на партијата.
– Гласачите порачаа: Доста ни е. Ќе се погрижиме Холанѓанецот повторно да биде на прво место. Холанѓанецот, исто така, има надеж дека ќе си ја поврати својата земја, истакна Вилдерс, кој е познат по својата антиимигрантска реторика.
Според Вилдерс, ПВВ ќе се погрижи за враќање на Холандија на Холанѓаните и за ограничување на миграцијата.
– Ние ќе се погрижиме луѓето да добијат повеќе пари во паричниците. Повторно да има ред и безбедноста. Би сакал да им се заблагодарам на сите во Холандија за нивните поддршка, истакна Вилдерс.
Тој исто така се обрати до останатите партии порачувајќи име дека „мора да бараат договор“ и „да работат заедно“.
– Од оваа одлична позиција, ПВВ сака да соработува со други партии. Мора да излеземе со решенија, во рамките на Уставот, порача Вилдерс.
Тимерманс и Омцигт во текот на кампањата порачуваа дека нема да прифатат владина коалиција со ПВВ по изборите, додека Јешилѓоз-Зегериус не ја исклучи можноста за таква соработка, но не и со Вилдерс како иден премиер.
Гласачките места беа затворени во 21 часот и според првичните резултати излезноста била околу 70 проценти.
Инаку, водечките партии организираа централни собири за заедничко следење на изборните резултати за нивните членови и симпатизери со партиските раководства. Така ВВД на Јешилѓоз-Зегериус организира собир во Хаг, блок на лабуристите и зелените на Тимерманс во Амстердам, Партија на слободата на Вилдерс во Шевенинген, а НСЦ на Омцигт во Еншеде.
Од друга страна, уште пред затворањето на гласачките места, е екстремно десничарскиот Форум за демократија (ФВД) го откажа организираното следење на изборните резултати за своите членови, поради, како што беше образложено, безбедносни причини. Откажувањето на собирот следи откако во понеделникот на предизборен собир со пивско шише беше нападнат партискиот лидер Тјери Боде. Како сторител на нападот полицијата приведе еден тинејџер.
Сепак, и покрај откажаниот настан, истакнати членови на ФВД ќе се соберат во бар во Амстердам каде ќе ги следат резултатите, но без присуство на Боде.