Деспотовски: Пандемијата покажа дека фокусот само на еден сектор е ризик, како примерот со автомобилската индустрија кај нас

Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски посочи дека во првите три месеци од годинава се потпишани договори со три странски комапнии во износ од 50 милиони евра, а вели и дека во преговори се за уште 15 инвестиции кои тежат 250 милиони евра.

Исто така, Депостовски вели и дека во последните 5 месеци успеале да поттикнат интерес кај 15 компании, инаку дел актуелни инвеститори, а дел се нови.

„Тоа се инвестициски проекти кои вкупно тежат околу 250 милиони евра и со кои се предвидува отворање на дополнителни 5500 работни места. Со овие компании разговараме во моментов и можам да кажам дека добар дел од нив веќе се во фаза во која подготвуваме одредени симулации за тоа што компанијата може да очекува како поддршка од државата што е чекор пред склучување на договор. Секоја работа сакам да ја водам со предизвик, амбиција, но и оптимизам кој се базира на реални бројки. Јас сум реален оптимист и можам да кажам дека годинава ќе биде позитивна“,  посочи Деспотовски во синоќешното издание во дневникот на Сител.

Деспотовски истакна дека пандемијата покажа дека фокусот само на еден сектор е ризик, како примерот со автомобилската индустрија кај нас, поради што ТИРЗ ја менува политиката и се отвора кон привлекување инвестиции и од другите сектори. Тој потенцираше дека две од компаниите со кои се разговара се од фармацевтската индустрија, која како што рече, носи и поголема додадена вредност – повеќе средства во буџетот и повисоки плати.

-Едната е инвестиција во 9 цифри, односно повеќе од 100 милиони евра. Ако го задржиме трендот, а имаме амбициозна агенда и амбициозен работен план којшто веќе го реализираме, слободно можам да кажам дека во мојот тековен мандат можеме да стигнеме и до 1 милијарди инвестиции во ТИРЗ. Исто толку е направено за 20 години, а ние целиме да го направиме за 4. Наша цел се и нови работни места, па ако за 20 години се отворени 14.000, во следните 3 години оваа бројка двојно да ја зголемиме. Јас верувам дека овие бројки се достижни, нагласи Деспотовски.

 

 

Слични содржини