Детали од убиството на рускиот командант: Бил следен преку апликација за трчање?

од Stefanija Kuzmanovska

Командантот на руската подморница, кој беше убиен на 10 јули додека џогирал, потенцијално бил цел на напаѓач кој го следел на популарната апликација за трчање „Страва“, наведуваат руските медиуми, пренесува Си-Ен-Ен.

Станислав Рзицки беше убиен од „непознато лице“ во јужниот руски град Краснодар претходно оваа недела, јави државната новинска агенција ТАСС, додавајќи дека „мотивот за злосторството се истражува“, наведува Си-Ен-Ен.

Рускиот истражен комитет на Телеграм објави дека е приведен маж во врска со убиството, додавајќи дека осомничениот имал пиштол со пригушувач „кој најверојатно бил искористен за извршување на убиството“.

Руските медиуми претходно објавија дека убиецот на Рзицки можеби користел „Страва“, широко достапна апликација што ја користат тркачите и велосипедистите, за да го следи неговото движење.

Неговите рути за трчање и возење велосипед се појавија на неговата корисничка сметка, а напаѓачот очигледно имал пристап и можел внимателно да ја испланира акцијата. Една од неговите редовни рути за џогирање го вклучува и паркот каде што беше убиен. „Страва“ функционира како еден вид социјална мрежа, па корисниците можат да дозволат да се гледа нивниот профил, што го направи и Рзицки.

Рускиот медиум „Царград“ пишува дека напаѓачот „толку внимателно го испланирал убиството што моментот на нападот не се појавил на ниту една надзорна камера“.

Рзицки командувал со една од подморниците од класата „Кило“ на руската Црноморска флота, способна да истрела крстосувачки ракети „Калибр“, според украинското соопштение и руските медиуми.

Ракетните напади лансирани од подморници се одговорни за некои од најразорните напади врз украинските градови, вклучително и оној пред речиси точно една година врз централниот град Виниција, во кој загинаа десетици луѓе, меѓу кои и три деца.

Неговото семејство вели дека тој „не учествувал на ниту еден начин“ во војната против Украина и побарал да ги напушти руските вооружени сили во 2021 година.

Војната во Украина се прошири преку границата со Русија во последниве месеци, во услови на извештаи за интензивно гранатирање, напади со беспилотни летала и кратки упади во селата во очигледен обид да се дестабилизира слабата инвазија на Москва.

Слични содржини