Четири лица се во критична состојба откако гром ги погодил недалеку од Белата куќа, соопштија локалните власти во Вашингтон.
Портпаролот на противпожарната служба и службата за вонредни состојби во Вашингтон, Вито Маџоло изјави дека околу 18:50 часот по локално време во четвртокот, двајца мажи и две жени се движеле по плоштадот Лафајет, од правец на Белата куќа, кога гром удрил во нивна непосредна близина, објави Њујорк Тајмс“.
Агенти на тајната служба и локалната полиција биле во близина и веднаш им помогнале на жртвите, додаде Маџоло, а четворица од повредените се префрлени во блиските болници.
– Фактот што им беше укажана итна помош е клучен за исходот на нивната здравствена состојба – додаде Маџоло.
Apparent lightning strike Lafayette Park NW. #DCsBravest on scene in the process of treating and transporting 4 patients, all in critical condition. pic.twitter.com/1jyCh44Q2n
— DC Fire and EMS (@dcfireems) August 4, 2022
Четворицата повредени очигледно стоеле во близина на дрвјата во локалниот парк кога удрил гром, рече Маџоло.
– Дрвата не се безбедни места за време на невреме – потсети тој.
По високите температури кои надминаа 35 степени во текот на денот во четвртокот, силно невреме ја погоди областа Вашингтон во раните вечерни часови.
„Њујорк тајмс“ се повикува на статистика на американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), која вели дека шансата човек да биде погоден од гром е помала од еден на милион и дека близу 90 отсто од луѓето го преживуваат ударот.
Од 2006 година, додава ЦДЦ, имало 444 смртни случаи поврзани со гром во САД, а девет лица починале само оваа година, според Националната метеоролошка служба.