Детската болница „Козле“ прерасна во универзитетска клиника со проширена дејност

од Radmila Tasevska
197 прегледи

Со одлука на Владата од 24 октомври, детската болница „Козле“ т.е. ЈЗУ Институт по белодробни заболувања кај децата „Козле“ прерасна во ЈЗУ Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“ – Скопје. Со одлуката се овозможува проширување на дејноста на оваа здравствена установа преку специјалистичко-консултативна и болничка здравствена заштита и здравствена дејност на терциерно ниво од областа на респираторните заболувања кај децата и цистичната фиброза.

Исто така, опфаќа и образовна дејност, вршење усовршување на здравствените работници и научно-истражувачка дејност, како здравствени услуги кои бараат стручен, организациски и технолошки сложен и мултидисциплинарен здравствен третман од областа на респираторните заболувања кај децата и цистичната фиброза, изградување и спроведување на стручно-медицински доктринарни критериуми во својата област и укажување стручно -методолошка помош на здравствените установи од соодветната гранка на медицината.

Се очекува дека со одлуката за промена на дејноста на оваа здравствена установа ќе се добие побрзо и поефикасно дијагностицирање, третман и лекување на пациентите и ќе се намали притисокот кон други установи, со што ќе се обезбеди подостапна и поквалитетна здравствена заштита за пациентите.

По повод новиот статус, болницата ја посети премиерот Димитар Ковачевски кој во обраќањето рече дека  повеќе од 70 години „Козле” е симбол на професионалност и грижа за децата и со проширување на дејноста тоа, рече, заслужено се надградува и се отвораат можности за натамошен развој на оваа установа.

-Вештините и искуството на здравствените работници во оваа клиника која е препознаена како регионален лидер во областа на педијатриската пулмологија и алергологија, низ годините и децениите покажаа што значи со посветеност и пожртвуваност да им се помага на болните деца, на изнемоштените, на најмалите, на нашите најсакани, на оние кои надежта ја бараат во медицинскиот персонал кој е дел од оваа установа. Денеска со гордост ја наградуваме довербата на граѓаните во здравствената установа „Козле“, која одлучивме од Институт да прерасне во Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“ – Скопје. Заслужено и со среќа, рече премиерот.

Тој сподели и лично искуство за успешно завршена операција на неговиот син и  упати благодарност до докторите вработени во болницата.

-Јас имам исклучително високо мислење за оваа клиника затоа што благодарение на тимот на д-р Зафировски, пред осум-девет години беше спасен животот на мојот син. Тука е и доктор Тодоровиќ и низа други доктори, навистина ми е емотивен момент што сум денес тука. Знам колку беа посветени овие доктори. Затоа сакав овој свечен чин да го искористам и за моја лична благодарност до докторите кои работат тука, истакна Ковачевски.

Трансформацијата на „Козле“ во клиника, според министерот за здравство Фатмир Меџити е  голем чекор напред за установата и признание за посветената работа и заложбите на раководството и на целиот медицински и немедицински персонал кој, како што рече, применува стручен и мултидисциплинарен пристап од областа на респираторните заболувања кај децата и цистичната фиброза.

Со прераснувањето во универзитетска клиника, нагласи министерот, оваа установа се зајакнува како наставно-научна база во рамки на која врвниот стручен кадар ќе го пренесува своето знаење и искуство на помладите специјализанти и студенти.

-Универзитетската клиника Козле која како установа постои веќе 72 години, претставува единствен центар на Балканот кој третира исклучиво респираторни заболувања, односно заболувања на дишните патишта кај децата. На годишно ниво овде се вршат над 35 илјади амбулантски прегледи и над четири илјади хоспитализации на деца со респираторни заболувања, а стручниот кадар опфаќа 55 доктори специјалисти и супспецијалисти од над 200 здравствени работници, рече Меџити.

Д-р Јетмир Зибери, медицински директор на „Козле“ и хирург во болницата, рече дека нејзиното прераснување во високообразовна и едукативна установа е историска одлука што следува по јасно изразената волја на 219-те вработени.

-Но, зад одлуката да се трансформираме во универзитетска клиника стојат факти и импресивни резултати – само во 2023 година  се извршени над 35 илјади амбулантски прегледи, над четири илјади хопитализирано лекувани деца, над 150 бронхоскопии од кои 37 со вадење страни тела од белите дробови, рече Зибери.

Соопшти дека со финансиска помош на Министерството за здравство, поголем број нивни лекари се едуцираат на клиниката „Ребро“ во Загреб и дека ќе следува поинтензивна соработка следната година со други здравствени и научни институции.

-Во најкус  можен рок ќе се доближиме до условите што ги нудат сите европски клиники во лекување на децата како наше најголемо богатство, истакна директорот Зибери

Слични содржини