Омар Рахал слушнал глас кој доаѓал од урнатините, толку слаб што се борел да разбере дали можеби е само во неговата глава. Претходната ноќ два земјотреса со јачина од 7,8 и 7,6 го погодија неговото село Харем во сириската провинција Идлиб, контролирана од бунтовниците, срамнувајќи со земја десетици згради, вклучувајќи го и станбениот блок во кој живеел неговиот братучед Махмуд со неговата сопруга и нивните седум деца.
Неколку часа подоцна, Рахал, началник на локалната полиција, влетал во урнатините на куќата, надевајќи се дека ќе ги најде живи Махмуд и неговото семејство. Цело утро не слушнал знаци на живот, но во 12:30 слушнал четири зборови кои ги изговорило девојче: „Извадете ме од овде“.
Неколку метри под врвот на купот рушевини, заглавен меѓу бетонот, лежела петгодишната ќерка на Махмуд Џинан, заедно со нејзиниот деветмесечен брат Абдула, кого го тешела под урнатините. До нив, закопано покрај остатоците од нејзината куќа, било телото на нивната мајка Суад. Рахал можел да ја види само нејзината рака, со која како да се обидувала да ги прегрне децата за да ги заштити, пренесува „Гардијан“.
Рахал се обидел да ги ослободи, но сфатил дека не може сам. Така тој ги снимил двете заробени деца и видеото им го испратил на колегите од полицијата, барајќи од нив да интервенираат. Видеото брзо патувало од еден телефон на друг, напуштајќи ги границите на Сирија и стана вирално. Видеото стана вирално на Твитер и стана симбол на трагедијата во Идлиб.
„Моите луѓе пристигнаа веднаш и ми помогнаа да го извадам малиот Абдула, кој за среќа имаше само неколку ситни гребнатинки. Но, проблемот беше Џинан. Таа беше прикована за бетонска плоча и имаше железна прачка забодена низ нејзината нога“.
The 7 year old girl who kept her hand on her little brother's head to protect him while they were under the rubble for 17 hours has made it safely. I see no one sharing. If she were dead, everyone would share! Share positivity… pic.twitter.com/J2sU5A5uvO
— Mohamad Safa (@mhdksafa) February 7, 2023
Спасувачките напори во Идлиб, кој остана главно затворен од надворешниот свет два дена по земјотресот, беа забавени поради недостигот на механизација и помош, при што луѓето беа принудени да ги извлекуваат своите најблиски со голи раце.
„За да го подигнеме бетонскиот блок кој ја попречуваше, користевме дигалка, каква што кревате автомобил кога треба да смените гума. Беше успешно. Но, Џинан сепак ја имаше таа железна прачка заглавена во нејзината нога. Мораше да се пресече“.
Спасувачите се обиделе да ја пресечат шипката со дебело челично сечило додека Џинан викала од болка. За работите да бидат покомплицирани, накнадни потреси повторно го погодија селото. Она малку што остана од зградите почна да се урива.
„Ве молам! Тргнете не одовде“, ги молела Џинан спасувачите. Немаше време за губење.
„Немавме избор. Ризикувавме и да умреме и да изгубиме дете. Затоа, решивме да го направиме она што никогаш не сакавме – да ја извадиме Џинан додека нејзината нога сè уште беше делумно набиена на стапот“.
Во вторникот околу 2 часот по полноќ, по речиси 22 часа под урнатините, малото девојче било спасено.
Една недела по спасувањето, „Гардијан“ ги посети Џинан и нејзиниот помлад брат во болница претворена од поранешно училиште каде што се лекуваа повредени деца од Харем. Абдула спиеше завиткан во волнено ќебе додека Џинан лежеше, сè уште со болки.
„Раната на нејзината нога е многу сериозна. Џинан можеби никогаш нема да оди како порано, нема да ве лажам. Ако раната не зарасне, можеби ќе бидеме принудени да ѝ ја ампутираме ногата“, изјави нејзиниот лекар Ваџих ал Карат.
По објавувањето на видеото, некои медиуми погрешно објавија дека таткото на Џинан е се уште жив. За жал, тоа не е случај. „Џинан и Абулах се единствените што останаа живи во семејството“, навел Рахал во солзи. Двете деца им биле доверени на вујкото и неговата сопруга.
Џинан и нејзиниот брат се меѓу големиот број деца кои останаа без родители по земјотресот во Идлиб. Бројот на загинати во земјотресот во Сирија се искачи над 3.580, додека официјалните лица за помош на ОН бараат поголем пристап до помош во северозападниот дел на земјата, кој е под контрола на бунтовниците.
„Тоа е трагедија“, рече Карат со низок глас. „Џинан знае дека останала сама со брат ѝ. Но, гледате дека и овие деца овде, покрај креветот на Џинан, се сираци. И повеќето од нив се уште се прашуваат каде се нивните родители и кога ќе дојдат. Прво, сакаме добро да ги третираме нив. Тогаш во одреден момент ќе бидеме принудени да им кажеме дека и тие останале сираци“.