Судот во Флорида пресуди дека „Мекдоналдс“ мора на осумгодишно девојче да му плати отштета од 800.000 долари, откако се здобила со тешки изгореници кога пилешки „мекнагет“ ѝ паднал на ногата.
Во 2019 година, четиригодишната Оливија Карабало се здобила со изгореници од врело пилешко кога го отворила својот happy meal во автомобил во Тамарач, во близина на Форт Лодердејл, објави Би-Би-Си.
Нејзиното семејство бараше отштета од 15 милиони долари, а судот во мај утврди дека „Мекдоналдс“ и неговата франшиза во областа се одговорни за повредата на девојчето.
Адвокатскиот тим на семејството одлуката ја нарече „значајна“.
„Среќна сум што го слушаа гласот на Оливија и што поротата успеа да донесе правична пресуда“, изјави мајката на девојчето Филана Холмс.
Таа им кажа на поротниците на судењето дека нејзината ќерка има лузна од изгореница и дека сака да се отстрани.
Адвокатите на семејството на судот му покажаа фотографии од изгорениците, како и телефонска снимка од девојчето како вреска откако е повредено.
Адвокатите на „Мекдоналдс“ пред судот рекоа дека семејството треба да добие 156.000 долари, бидејќи, како што тврдеа, девојчето имало болки само три недели, времето кое ѝ било потребно за да зарасне раната и навеле дека таа сè уште оди во нивните ресторани.