Џафери: Да се раскинат сите концесии за „мали“ хидроцентрали оти не вредат

од Берта Китинска
160 прегледи

Влијанието на т.н. мали хидроцентрали врз животната средина е огромно и ние од 2019 година бараме да се стопира издавањето на нашите реки под концесии на бизнисмени кои од нив профитираат, а луѓето остануваат без вода, истакна Аријанит Џафери, екоактивист од Тетово, во „Топ тема“ на Телма по вчерашната одлука на владата за раскинување на концесиите за седум мали хидроцентрали на Шар Планина. Истите тие профитери, додаде тој, добиваат 70 отсто од субвенциите на државата за производство на струја од обновливи извори, додека малите хидроцентрали произведуваат околу три отсто од целокупното производство на струја во нашата држава.

„Уште на времето рековме дека не вреди да се трошат толку пари за хидроцентрали, а се уништува природата, животната средина, екосистемот, целиот биодиверзитет на Шара и не само на Шара. Ние баравме да не се градат мали хидроцентрали поради тоа што не вредат и не произведуваат доволно струја, а штетата е огромна“, изјави Џафери.

Комисијата работеше, речиси, цела година, период за кој требаше да преиспита со кого може да се раскине договор и колку ќе треба тие компании да бидат компензирани, бидејќи претходно им биле дадени дозволи.

„Кога сме кај компензацијата, повеќето од тие компании добивале субвенции, па добро е да истражи и колку пари тие имаат добиено од државата. Со прогласувањето на Шар Планина за национален парк и според Бернската конвенција, во нејзините граници, во близина на нејзините граници или каде што има вертикална гравитација, не смее да има хидроцентрали и колку што разбрав, затоа е донесена одлуката на владата. За ова многу одамна сме алармирале и во Министерството за животна средина и во јавноста дека не смее да има хидроцентрали во Шар Планина и поради штетите кон животната средина и поради луѓето кои живеат во селата во близина на тие централи“, посочи Џафери.

Слични содржини