За мене е позитивно преземањето на овој чекор да одблиску се информирате и бидете во контакт со националните партнери, претставниците на владините институции, општините, граѓанските организации и сите други чинители за овозможување на размена на искуства за различните пристапи и алатки кои може да се искористат за што поефективна имплементација на Целите за одржлив развој и Агендата 2030. Со ваков интегриран пристап, инклузивни политички процеси и одговорни, ефективни и отчетни институции, верувам дека и Агендата 2030 ќе се реализира поуспешно, рече претседателот на Собранието, Талат Џафери на настанот „УЛОГАТА НА ПАРЛАМЕНТИТЕ ВО ИМПЛЕМЕНТАЦИЈАТА НА АГЕНДАТА 2030“.
Џафери истакна без исклучок сите треба да бидеме чувари на човековите права и слободи и да овозможиме слободен, рамноправен и достоинствен живот и услови за функционирање за секој еден поединец на нашата заедница.
-Особено ние, како пратеници, имаме уникатна позиција да бидеме врската помеѓу граѓаните и државните институции и да промовираме и усвојуваме политики и закони насочени кон луѓето, со цел никој да не биде заоставен. Затоа што „општество за сите,“ не треба да биде само флоскула, еднакви права и слободи за сите не треба да биде само напамет научена фраза, туку, треба да биде начин на функционирање и таму каде што се носат одлуките, и таму каде што се спроведуваат. Под услов, се разбира, секоја алка од синџирот на општествена одговорност, правна заштита, судска ефикасност и транспарентност да функционира беспрекорно, порача меѓу другото спикерот.