Предводникот на македонското Собрание, Талат Џафери, во име на пратениците и свое лично име, упати честитка денес по повод утрешниот празник Св.Климент Охридски.
Како што вели тој во својата честитка, 8. декември е празник во чест на основоположникот на црковниот живот во Македонија и ученик на светите браќа, Св. Кирил и Методиј.
„Неговиот лик и дело кој е еден од најзначајните за развојот на духовниот живот на Република Северна Македонија е запаметен и како покровител на образованието и јазикот. Со неговото празнување се оддава почит на пишаниот збор, културата и образованието кои се значајни за секој народ и треба да се негуваат и развиваат затоа што тоа е додадена вредност за самиот народ, меѓутоа и богатство за светот воопшто“, се вели во честитката упатена од претседателот на Собранието, Џафери.