Претседателот на Собранието, Талат Џафери на денешната Комеморативна седница за одбележување на 11 јули – Ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница истакна дека е време да се освестиме и да го запреме злото што се заканува да направи иреверзибилна штета од која никогаш повеќе нема да можеме да се оправиме и да бидеме, луѓе, соседи, пријатели, соработници.
-Денес сме собрани на оваа комеморативна седница на Комитетот за односи меѓу заедниците за да го одбележиме 11 Јули – Денот на сеќавање на геноцидот во Сребреница и да се потсетиме уште еднаш на Декларацијата со која Собранието ја поддржа Резолуцијата на Европскиот парламент за Сребреница на 15 јануари 2015 година, со која јасно и гласно застанавме во одбрана на основното човеково право на живот и го осудивме насилното одземање на животот, со јасно именување на тоа како геноцид, во полна смисла на зборот, со сите ужасни и нехумани атрибути кои ги содржи во себе. Знам, ништо не може да ја намали болката што ја чувствуваат. Ништо не може да ја надомести празнината што ја оставија зад себе. Ничиј живот не е ист после таквата човечка трагедија затоа што премногу крв се пролеа, премногу солзи потекоа. Неповратно изгубени човечки животи, непроживеани младости, радости, семејни среќи и љубови, изјави Џафери.
Тој додаде дека пред две години бил во Поточари, БиХ.
-Местото кое одекнуваше со тишината која беше погласна од најголемиот татнеж, каде тагата и болката се чувствуваа во секој агол, на секој чекор што го правев на тоа тло, помислив дека сме се освестиле за огромната болка што ја предизвикува една таква човечка трагедија и дека конечно ќе можеме да покажеме дека имаме човечка и морална одговорност и почит, ќе се охрабриме и заложиме како човечки суштества за никогаш да не се заборави и да не се повтори. Меѓутоа, се излажав. Повторно и повторно.
Затоа, апелирам до сите, да се посветиме максимално на градење на вистински релаксирани, демократски општества, со владеење на правото и почитување на човековите слободи и права, почитување на различните и обѕири кон послабите, немоќните. Да се посветиме искрено и максимално, затоа што ги имаме сите услови да бидеме пример за добрососедски односи, за регионална соработка и заеднички напредок, со почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на секоја држава поединечно. Имаме човечка и морална одговорност да се посветиме максимално на изнаоѓање на мирни решенија по дипломатски пат, со отворен и конструктивен дијалог помеѓу страните.
На крај, дозволете да ја повторам мојата искрена почит на жртвите од Сребреница, и да изразам сочувство до нивните блиски семејства со надеж дека никогаш повеќе нема да ги повторуваме горките лекции од минатото, потенцирал Џафери во својот говор.