Изјавата на португалската министерка во врска со спорот меѓу Бугарија С. Македонија, предизвика бура и паника во Скопје, оцени бугарскиот член на Европскиот парламент, Ангел Џамбаски.
Минатата недела државниот секретар за европски прашања Ана Паула Закаријаш повика на почитување на позицијата на Бугарија и посочи на комплексноста на билатералните односи меѓу Бугарија и С. Македонија поради статусот на македонскиот јазик, кој во Софија официјално се смета за бугарски дијалект.
„Ова е тешко прашање, особено за Бугарија, тоа е поврзано со историјата, културниот идентитет на двете земји, како и со идната соработка. Северна Македонија преживеа многу тешки преговори со Грција – и тоа, запомнете, доведе до промена на името на земјата. Тоа е многу тешко затоа што е поврзано со Бугарија од аспект на културата и јазикот. Очигледно е поврзано со јазикот на Северна Македонија, кој порано беше дел од бугарскиот и дел од културата на обете земји“, рече Закаријаш.
Додека нејзините зборови предизвикаа негативна реакција во Скопје и се потврдува автентичноста на изјавата, во Бугарија нејзиниот став имаше позитивен одек.
Според Џамбаски, нејзината позиција треба да послужи како пример за оние кои не ја разбираат целосно суштината на спорот.
„Токму поради тоа, и Заев и Пендаровски и сите македонски политичари се во паника, единствениот одговор им се несоодветни реакции поврзани со бесмислена проверка на точноста на изјавата. Тотална немоќ“, рече бугарскиот пратеник.
Да потсетиме, пред две недели ЕУ повторно донесе одлука да не ги отвора преговорите со Албанија и Северна Македонија, поради блокадата што Бугарија и ја постави на нашата земја.
„Не беше можно да се договориме за одобрување на рамката за преговори со Северна Македонија и Албанија. Се надеваме дека ќе го постигнеме тоа за време на претседателството на Словенија “, рече португалскиот државен секретар за европски прашања Ана Паула Закаријаш по состанокот на Советот за општи работи на Советот на Европа во Луксембург.