Бугарскиот пратеник во Европскиот парламент, Ангел Џамбаски денеска изрази огорченост поради честитките на Руската амбасада во Скопје до македонскиот народ на 24 мај, Денот на Светите браќа Кирил и Методиј.
Бугарија денес за прв пат го одбележува Денот на бугарската азбука, додека порано овој ден беше наречен Ден на словенската писменост, бугарското образование и култура, но минатата година официјално беше преименуван во Ден на Светите браќа Кирил и Методиј, бугарската азбука, образование, култура и словенска литература.
Предлогот празникот да се нарече Ден на бугарската, а не словенска писменост, дојде од ВМРО-БНД.
Според партијата, „оваа иницијатива има за цел да го оддалечи празникот од обидот на Скопје да ја присвои кирилицата“.
Руската амбасада во Северна Македонија им го честиташе празникот на Македонците, повикувајќи се на зборовите на рускиот претседател Владимир Путин, кој објави дека писменоста во Русија пристигнува од Македонија, пренесе Спутник.
По тој повод, Џамбаски изјави дека „македонската нација се појавила во 1945 година“.
„Тоа е еден од вашите најсрамни фалсификати и најтажниот. Писменоста и православието пристигнаа во денешна Русија од Бугарија. Тоа е факт. „Македонската азбука“ е создадена заедно со македонската нација во Москва во 1945 година. Таа лага е најголемиот срам. Срамете се“, и порача Џамбаски на руската амбасада.
Руската амбасада во Софија го користеше новото име на празникот во обраќањето до Бугарите, додека амбасадорката Елена Митрофанова ја истакна важноста на работата на Светите браќа за Русија.
„Драги пријатели, без сомнение, улогата на Бугарија во ширењето на словенската писменост, јазик и култура е неспорна… И во Бугарија и во Русија, наследството на светите браќа Кирил и Методиј, кои ја одредија самосвеста и развојот на братските словенски народи многу векови е внимателно зачувано, рече Митрофанова.