Холивудската актерка Џејми Ли Кертис ќе ја добие наградата „Златен лав“ за севкупна креативност на 78-то издание на Меѓународниот филмски фестивал во Венеција, што ќе се одржи во септември, соопштија организаторите, цитирани од Ројтерс и Асошиејтед прес.
За време на фестивалот, закажан за 1-11 септември, ќе биде прикажан најновиот филм со Кертис – „Halloween Kills“. Проекцијата ќе биде надвор од програмата за натпреварување. Неговата светска премиера ќе биде во октомври.
Филмот е уште едно продолжение на хоророт „Halloween“ на режисерот Џон Карпентер од 1978 година, со кој Џејми Ли Кертис дебитираше во филмот. Во него таа ја игра бебиситерката Лоури Строуд, која се соочува со серискиот убиец Мајкл Мајерс.
Меѓу хит-насловите во кои глуми актерката се „True Lies“ и „A Fish Called Wanda“.
Во специјалното соопштение, 62-годишната Кeртис рече дека не може да верува дека била толку долго на филмското платно, за да заработи награда за целокупната креативност. Таа рече дека и ’е чест да ја добие наградата во време кога излегува продолжението на нејзиниот прв филм.
Директорот на фестивалот, Алберто Барбера, рече дека четиридецениската кариера на Кертис, пишувањето книга за деца и вклучувањето во добротворни цели ја става во „таа мала група холивудски актери кои најдобро ги рефлектираат квалитетите што се душата на глобалната филмска индустрија и нејзиното наследство“.
Меѓу наградените со „Златен лав“ за целокупната креативност се имиња како Тилда Свинтон, Педро Алмодовар и Ванеса Редгрејв.