Кинескиот милијардер Џек Ма планира да се откаже од контролата врз Ant Group, според извори цитирани од светските агенции. Овој потег е дел од напорите на fintech гигантот да се дистанцира од Alibaba Group Holding по повеќе од една година интензивен притисок од кинеските регулатори.
Властите ја прекинаа иницијалната јавна понуда на Ant (IPO), која требаше да се одржи во 2020 година и да достигне 34 милијарди долари. Тие, исто така, ја принудија технолошката фирма да се трансформира во финансиска холдинг компанија регулирана од централната банка на Кина. Додека се случуваат промените, Ant се обидува да ја намали зависноста од Ма, кој е основач на Аlibabа.
Џек Ма е 57-годишен поранешен професор по англиски јазик и еден од најпознатите светски претприемачи. Тој е на удар на владата и нејзините акции насочени кон намалување на влијанието и моќта на компаниите зад неа, пишува „Блумберг“.
Кинескиот бизнисмен ја контролира Ant откако пред повеќе од една деценија го одели нејзиниот претходник од Alibaba. Со текот на времето, тој го изгради во компанија која ја поседува мрежата за плаќање Alipay со преку 1 милијарда корисници, инвестициска платформа и голем бизнис за микро-заеми. Се очекуваше дека Ant ќе биде проценета на повеќе од 300 милијарди долари доколку излезе на берзата.
Ма нема директорска улога во Ant, ниту е член на одборот, но тој е важна фигура во компанијата и моментално поседува 50,52% од акциите. Тој би можел да се откаже од својата контрола со пренесување на дел од своето гласачко право на други претставници на компанијата, вклучувајќи го и главниот извршен директор Ерик Зинг, кој потоа колективно ќе го контролира бизнисот, велат изворите.