Лажните вести не се од скоро, тие имаат историја уште со првите печатени медиуми. Сега со многуте онлајн медиуми, пропагандата е зголемена, рече Сеад Џигал, професор на Интернационалниот Балкански Универзитет на дискусијата за дезинформации на конференцијата е-Општество.
Според него, лажните вести функционираат како вирус, паратизираат и се шират бидејќи се инфлитрирани, а не изолирани.
„Лажните вести може да ги спречи уредникот или добар новинар. Планот на Владата на Република Северна Македонија за справување со лажни вести е сосема легитимен чекор, ако некој шири лажни вести да речеме за влезот во НАТО, тие мора да реагираат. Политизацијата на борбата со ширењето на дезинформации го олеснува ширењето на дезинформации“, рече Џигал.
ПР советникот на премиерот Зоран Заев, Марјан Забрчанец истакна дека од плодна почва за ширење на лажни вести, државата станува почва која се бори со дезинформациите.
„Владата нема намера да се меша во работата на медиумите. Една од предвидените програми е и воведување на медиумската писменост во образованието“, рече Забрчанец.
Владимир Петревски од Вистиномер пак, нагласи дека тие во проектот за Проверка на факти не се занимаваат само со вистината, туку и со етичкиот дел од напишаното и додаде дека се членки на меѓународната мрежа за проверка на факти.
„И вистината може да се изврти како невистина. Може да се пренесе само дел од вистината и да се изврти како лажна вест. Такво нешто се појави и кај референдумот. Проблемот тука е законот за референдум, кој излгеда како да е правен во 60-тите години. Можеше и странец да закупи простор за кампања на телевизиите, тоа не го спречува законот“, додаде Петревски.