Поранешниот американски претседател Џими Картер денеска спокојно ќе го прослави својот 97-ми роденден дома во Југоисточна Џорџија, изјави неговата портпаролка.
Забавен од неговата возраст во последно време и дополнително повлечен за време на пандемијата на коронавирус, Картер не планира јавни настапи, рече Деана Конџелио во Картер центарот во Атланта, Џорџија.
Вработените во Националниот историски центар Џими Картер во Плајнс, Џорџија, снимија честитки за поранешниот претседател, а можноста за потпишување онлајн картичка за роденден на „www.cartercenter.org“ е отворена за јавноста.
На поранешниот претседател му беше дијагностициран рак кој се прошири на црниот дроб и мозокот во 2015 година, но четири месеци подоцна, по третманот, тој објави дека повеќе нема рак. Имаше серија падови, еднаш ја скрши карлицата во октомври 2019 година, а во последно време користеше и бастун во јавноста.
Американскиот претседател Џозеф Бајден и првата дама Џил Бајден ги посетија Картер и неговата сопруга Розалин во април. „Седевме и разговаравме за старите времиња“, рече тогаш Бајден.