Џоди Фостер го отвори Канскиот филмски фестивал: „Конечно еве не повторно“

од Nikola Popovski
346 прегледи

Јужнокорејскиот режисер Бонг Џун-Хо, Американците Спајк Ли, Џоди Фостер и Шпанецот Педро Алмодовар вечерва го отворија 74. Меѓународен филмски фестивал во Кан, означувајќи го големото враќање на светскиот филм кој беше тешко погоден од епидемијата Ковид.

„Овде конечно сме повторно собрани во нашите прекрасни тоалети“, рече актерката Џоди Фостер, која прва зборуваше на сцената каде што ѝ беше доделена почесната Златна палма од Педро Алмодовар.

Потоа им се придружи и Бонг Џун-Џо, добитникот на Златната палма во 2019 година со филмот „Паразит“ и претседателот на жирито, Спајк Ли, за заедно да го отворат 74-то издание на филмскиот фестивал.

Оваа година 24 филма се натпреваруваат за Златната палма.

Фестивалот ќе биде отворен со филмот „Анета“ од Леос Каракс, кој се натпреварува за главната награда.

На списокот на филмови во трката за Златната палма се наоѓаат, меѓу другото, делата на Италијанецот Нани Морети, Американецот Шон Пен, Русинот Кирил Серебреников и Французинот Жак Одијард.

Во конкуренција се и „French Dispatch“ на американскиот режисер Вес Андерсон и „Бенедета“ на холандскиот режисер Пол Верховен.

Повеќе од 60 филмови ќе бидат прикажани за време на фестивалот, кој ќе трае до 17 јули.

Канскиот фестивал, кој обично се одржува секој мај, беше преместен во јули годинава поради епидемијата на коронавирус. Нема повеќе полициски час или ограничувања за бројот на луѓе во кината во Кан, но носењето маска останува задолжително во затворен простор.

Фото: Tanjug/AP Photo/Brynn Anderson

Слични содржини