Холивудскиот актер Џони Деп ја поканил својата поранешна девојка Кејт Мос како гостинка на концерт во Лондон, пишуваат британските таблоиди.
Британскиот модел, кој беше во врска со актерот од 1994 до 1998 година, присуствуваше на рок концертот на Деп во Лондон додека тој настапуваше со Џеф Бек. Според „Дејли Мејл“, Деп и Мос се забавувале зад сцената по неговиот настап во Ројал Алберт Хол, неколку дена откако манекенката сведочеше во негова корист на судот за клевета против неговата поранешна сопруга Амбер Херд.
Деп и Мос некогаш беа еден од најозлогласените парови во светот, кои уништуваа хотелски соби, одржуваа незауздани тридневни забави, постојано раскинуваа и се смируваа, а нивната дива врска се врати во фокус поради судењето на Џони Деп и Амбер Херд.
Минатата недела Кејт Мос ги отфрли индициите дека нејзиното поранешно момче Џони Деп ја фрлило по скали, велејќи дека тоа никогаш не се случило.
„Никогаш не ме турна, клоцна или фрли по скали“, изјави Мос.