На крајот на минатата година американската компанија Џонсон и Џонсон ја затворила својата единствена фабрика која произведува состојки на вакцината против Ковид-19 без медиумско внимание, пишува „Њујорк тајмс“ повикувајќи се на извори запознаени со таа одлука. Затворањето е привремено, а се очекува фабриката во Лајден за неколку месеци повторно да започне со производство на вакцината, пишува њујоршкиот дневен весник. Причината за затворањето засега е непозната.
Бидејќи фабриката во Лајден е привремено недостапна, таа би можела да ја намали понудата на вакцината Џонсон и Џонсон за неколку стотици милиони дози, наведува Њујорк Тајмс, повикувајќи се на еден од луѓето запознаени со одлуката на компанијата.
Џонсон и Џонсон во моментов имаат милиони дози од вакцината против Ковид-19 на залиха и продолжуваат да ги снабдуваат сите нивни локации, кои вршат полнење и производство по лиценца, вклучително и јужноафриканскиот Аспен, со супстанцијата потребна за производство на вакцината, се вели во соопштението на компанијата.
„Продолжуваме да ги исполнуваме нашите договорни обврски со Ковакс механизмот и Африканската унија“, рекоа од Џонсон и Џонсон.
Објектот, во холандскиот град Лајден, во моментов прави експериментална, но потенцијално поисплатлива вакцина за заштита од вирус кој не е поврзан со Ковид 19, се вели во извештајот.
Џонсон и Џонсон минатиот месец предвидоа дури 3,5 милијарди долари продажба на нивната вакцина против Ковид-19 во 2022 година, што е скок од 46 отсто, но полошо од ривалите, а компанијата пријави продажба од 2,39 милијарди долари од вакцината против Ковид-19 во 2021 година, но не ја постигна сопствената цел од 2,5 милијарди долари, додава њујоршкиот весник.
Фото: Scott Olson | Getty Images