Џонсон ја платил казната за ковид-забавите, не откри колкава сума

од Nikola Popovski
143 прегледи

БРИТАНСКИОТ премиер Борис Џонсон изјави дека прифаќа парична казна за кршење на ковид-мерките при карантинот во 2020 година и го разбира гневот на јавноста поради ова прашање, но дека во тоа време не мислел дека го прекршил законот.

„Морам да кажам, искрено, тогаш не ми падна на памет дека тоа може да биде прекршување на правилата. Но, се разбира, полицијата откри поинаку и јас целосно го почитувам исходот од нивната истрага“, изјави Џонсон за Би-Би-Си.

Тој им потврди на новинарите дека ја платил казната, но не сакаше да каже колкава е сумата. Полицијата ја казни и неговата сопруга и министерот за финансии Риши Сунак.

Повеќе од педесет лица ќе бидат казнети

Полицијата претходно денеска соопшти дека ќе наметне уште најмалку 30 казни за луѓето кои присуствувале на собирите во канцелариите и резиденцијата на Џонсон, што е прекршување на локдаунот што тогаш важеше. Вкупно ќе бидат казнети повеќе од 50 лица.

Забавите во Даунинг стрит, додека беа во сила строгите мерки за ограничување на движењето и собирањето, се одржаа во мај, јуни, ноември и декември 2020 година и во јануари и април минатата година. Опозициските пратеници претходно го повикаа Џонсон да се повлече откако беше откриено дека ги прекршил мерките донесени од неговата влада.

Слични содржини