Британскиот премиер Борис Џонсон во наредните денови ќе се слушне телефонски со рускиот претседател Владимир Путин и ќе ја посети Источна Европа, соопшти Владата на Велика Британија.
Владата изјави дека премиерот ќе ја повтори потребата Русија „дипломатски да се ангажира“ кога ќе разговара со Путин оваа недела. Тој ќе ја повтори потребата Русија да се повлече, се вели во соопштението.
Џонсон истакнал дека Британија би можела да распореди трупи за заштита на сојузниците на НАТО доколку Русија ја нападне Украина.
Сепак, Украина не е дел од НАТО и Русија сака Западот да вети дека никогаш нема да се приклучи на воената алијанса, гледајќи го како директна закана за нејзината безбедност.
Британската министерка за надворешни работи Лиз Трас ќе ја посети Москва во следните две недели, соопшти руската амбасада во Британија.
Џонсон побара од првите луѓе во војската и безбедноста да му дадат повеќе опции за да ја ублажи, како што рече, „растечката руска агресија“.
Овој викенд премиерот ги разгледува тие опции, вклучително и распоредување на дополнителни британски војници во членките на НАТО во регионот, наведува Би-Би-Си.