Џонсон најави укинување на ТВ претплата: Одвлекување на вниманието од скандалот?

од Nikola Popovski
180 прегледи

Владата на британскиот премиер Борис Џонсон најави дека ќе го замрзне финансирањето на медиумската корпорација Би-Би-Си на две години и ќе започне дебата за тоа дали претплатата за британскиот јавен сервис треба да продолжи во ерата на модерната телевизија, што предизвика противење и обвинувања за „културен вандализам“.

Mинистерката за култура, Надин Дорис, изјави во парламентот дека Би-Би-Си, медиумска куќа во срцето на британскиот културен живот, треба да стане поедноставна, поштедлива организација во време кога британската јавност се соочува со зголемени трошоци за енергија и даноци.

Дорис рече дека владата има намера да го замрзне износот на претплатата за Би-Би-Си на 159 фунти годишно по домаќинство до 2024 година, за по тој рок, во следните четири години, претплатата да може да се прилагоди на стапката на инфлација.

Таа најави дека годинава за Би-Би-Си ќе бидат издвоени околу 3,7 милијарди фунти, но експертите и аналитичарите најавуваат дека буџетот кој не е во согласност со стапката на инфлација, ќе ја принуди оваа медиумска корпорација да го намали опсегот на своите услуги.

Британскиот премиер најави дека има намера да ја укине телевизиската претплата, што предизвика лавина критики од опозицијата.

Лабуристичката партија верува дека со овој план, Џонсон сака да го оттргне вниманието од забавата што ја организираше во владиното седиште за време на локдаунот.

„Тоа е дел од стратегијата да се сврти вниманието од скандалот со забавата на Даунинг стрит за време на заклучувањето“, рече Луси Пауел од опозициската Лабуристичка партија.

ТВ претплатата со години им беше трн во око на конзервативците, а еднаш во 2019 година Борис Џонсон најави реформа на системот за претплата на ТВ.

Во моментов, Би-Би-Си добива 3,2 милијарди фунти годишно преку претплати на ТВ, што го сочинува најголемиот дел од буџетот на јавниот сервис, а со укинувањето на претплатата ќе бидат укинати илјадници работни места и бројни програми, наведува Ројтерс.

Слични содржини