Британскиот премиер Борис Џонсон денеска се извини откако истражителката Греј заклучи дека забавите на кои присуствувал во седиштето на владата за време на мерките за штедење против коронавирусот биле „сериозен неуспех“ во исполнувањето на очекуваните стандарди и жртвувањето милиони луѓе за време на пандемијата.
Сепак, Џонсон уште еднаш ги отфрли повиците да поднесе оставка поради скандалот наречен „Партигејт“, ветувајќи дека ќе го реформира начинот на кој управува со својот кабинет и инсистирајќи на тоа дека може да им се верува нему и на неговата влада.
„Разбирам и ќе го поправам“, рече Џонсон во парламентот откако Сју Греј ги објави своите наоди на неколку собири во 2020 и 2021 година, организирани во време на строги ограничувања за ширење на коронавирусот.
Греј изјави дека „неуспесите на лидерството и расудувањето“ доведоа до настани што „не требаше да се дозволат“.
„Тешкотиите под кои работеа, живееја и за жал умреа граѓаните низ целата земја, додека ригорозно се придржуваа до владините регулативи и упатства, се многу добро познати“, напиша Греј.
Таа додаде дека „во контекст на пандемијата, кога владата побара од граѓаните да прифатат обемни ограничувања во нивните животи, тешко е да се оправда дел од однесувањето поврзано со овие собири“.
Извештајот, кој Греј му го предаде на премиерот, во кој се зборува за злоупотреба на алкохол и персонал кој се плаши да зборува за проблеми на работното место, е удар за Џонсон, и покрај тоа што нејзините заклучоци се однесуваат само на четири од 16-те настани што ги истражуван.
Наодите на Греј за 12 други собири не беа објавени на барање на полицијата, која минатата недела покрена кривична истрага за наводи за сериозни прекршувања на правилата за корона вирусот.
Греј не го критикуваше директно премиерот, но изјави дека „од споменатите настани може да се извлечат значајни поуки“ и дека „целата влада мора веднаш да се занимава со тоа“.
Владата не вети дека ќе ги објави наодите на Греј по завршувањето на полициската истрага, наведувајќи само дека ќе го разгледа.
Лондонската полиција денеска соопшти дека ќе ги сослуша учесниците на забавите и ќе прегледа повеќе од 300 фотографии и 500 страници документи што ги добила од тимот на Сју Греј.
Детективите, исто така, би можеле да го испрашаат Џонсон како дел од истрагата, а тој би можел да биде казнет ако се утврди дека го прекршил законот.