Борис Џонсон стравува дека Владимир Путин може да распореди хемиско оружје во Украина бидејќи тоа би било „директно од рускиот прирачник“.
Говорејќи во програмата „Beth Rigby Interviews“ на Скај Њуз, британскиот премиер рече дека единствениот начин на кој војната во Украина може да заврши е ако рускиот претседател сфати дека направил „катастрофална грешка“.
Џонсон ги повтори стравувањата на западните официјални лица дека Путин би можел да употреби хемиско оружје во Украина, откако Москва го обвини Киев дека планира да го распореди на бојното поле.
„Нештата што ги слушате за хемиското оружје се директно од нивниот прирачник“, рече тој.
„Тие почнуваат да кажуваат дека има хемиско оружје што е складирано од нивните противници или од Американците. И така, кога тие самите ќе распоредат хемиско оружје, како што се плашам дека можат, тие имаат еден вид маскировка, лажна приказна која е пуштена во јавноста.
Го видовте тоа во Сирија. Го видовте дури и во Велика Британија. Тоа е она што тие веќе го прават. Тоа е цинична, варварска влада“, смета Џонсон.