Предавачот на Универзитетот „Џонс Хопкинс“ во Вашингтон, Едвард Џозеф, рече дека кризата во Украина не му одговара на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој се обидува да воспостави рамнотежа меѓу Истокот и Западот.
„Ваквата криза не му одговара на претседателот Вучиќ, кој се обидува да го спроведе она што тој го нарекува рамнотежа меѓу Истокот и Западот. Што всушност е лажна рамнотежа и задржување на проруски и прокинески пристап“, изјави Џозеф за „Гласот на Америка“.
Џозеф смета дека заклучоците што ги донел Вучиќ по седницата на Советот за национална безбедност претставуваат обид за продолжување на таквата политика, пренесе агенцијата „Бета“.
Тој посочи дека тоа се многу тенки и мали отстапки во однос на вистинските принципи на меѓународното право и територијалниот интегритет.
Џозеф оцени дека Србија и покрај ваквата политика не се соочила со последиците, но дека останува да се види како ќе биде сега кога не се усогласила со Европската унија по прашањето за санкциите против Русија.