Процесот на пристапување на Северна Македонија во Европската унија, во кој Бугарија се покажува како одлучувачка кочница, ги оживеа повиците за поголема вклученост на Соединетите држави на Балканот.
– Знаеме дека Бајден беше тој кој во 90-тите години на минатиот век рече дека ангажманот е од американски интерес, со оглед на поделбите во ЕУ, дека ја охрабрува администрацијата на Клинтон да се ангажира токму поради оваа поделба во ЕУ. Сега е потребен Бајден, како претседател, за да ги вклучи САД – не воено – туку политички, бидејќи ЕУ не успева да развие унифицирана политика и пристап кон Бугарија, што очигледно треба да вклучува одреден притисок, изјави Едвард Џозеф за Гласот на Америка, професор на Факултетот за напредни меѓународни студии на Универзитетот „Џонс Хопкинс“.
Според него, Вашингтон треба да се приклучи на Брисел и да го изврши потребниот притисок со клучните политички центри Берлин, Париз и други. Важно е да се развие истата динамика како што е создадена помеѓу Косово и Србија.
Потезите на Бугарија, смета Џозеф, придонесуваат за ширење на руското и кинеското влијание на Балканот. Ангажманот на Америка може да го промени тоа.
– Прво и основно, би се избегнало одржување на Балканот во одреден заборавен простор што ги отвора вратите за Русија и Кина, што е деморализирачки за граѓаните на Северна Македонија, но и на Албанија, и дава на Србија оправдување да постигне стратешко партнерство со Кина и Русија, ги дестабилизира Црна Гора и Косово, а се одразува и на динамиката во БиХ, држејќи ја опцијата за РС цело време отворена, па дури и повторно отвора некои прашања за Хрватска – посочува Џозеф.
Тој подвлекува дека ЕУ вели дека не може да дозволи билатерални прашања да влијаат на пристапниот процес, но тоа се случува. И тоа е предизвик за политиката на Унијата, нејзините постапки, правила и прописи.
– Унијата не ги смета своите членови за одговорни, не ги решава таквите прашања во согласност со сопствените демократски вредности и целиот балкански регион страда поради тоа – заклучува Џозеф.