„Die Welt“ ја ангажира руската новинарка која протестираше со транспарент

од Nikola Popovski
234 прегледи

Марина Овсјаникова, руската новинарка која минатиот месец беше во директен пренос на најгледаното руско телевизиско шоу со антивоен транспарент, денеска е ангажирана во „Die Welt“, објави германскиот весник.

Овсјаникова сега работи како дописник за „Die Welt“. Германскиот весник наведува дека таа отсега за нив „ќе известува меѓу другото и од Украина и Русија“.

Руската новинарка ќе пишува за весникот и ќе се појавува на нивниот телевизиски канал, се додава во соопштението на „Die Welt“.

Овсјаникова, која до неодамна работеше како продуцент на руската телевизија, чија емисија ја прекина, пред некој ден ја објави својата прва статија на порталот „Die Welt“ (за последиците од нејзиниот протест), со наслов „Русите се плашат“ (Die Russen haben Angst ).

Главниот уредник на Die Welt, Улф Пошарт, ја пофали за нејзината храброст да им понуди на руските гледачи „неукрасен поглед“ на реалноста.

„Истовремено, таа ја бранеше најважната новинарска етика, и покрај заканата од државна репресија. Возбуден сум што ќе работам со неа“, изјави денеска Пошарт.

Тој, исто така, негираше дека вработувањето на руски новинари било политички мотивирано.

„Ние се занимаваме со новинарство, а не со политика“, рече тој.

„Доброто, храброто, непоткупливото новинарство е закана за секој автократ и диктатор. Тоа е и закана за оние кои го стеснуваат коридорот на мислење во отворени општества како нашето“.

Потсетуваме, Марина Овсјаникова го прекина директниот пренос на информативната програма на Првата телевизија во Русија на 14 март, истакнувајќи го транспарентот на кој пишуваше „Стоп за војната, не верувајте во пропагандата, ве лажат“. Таа потоа беше приведена, сослушана околу 14 часа и казнета со околу 247 евра поради непочитување на законот за протести.

 

Слични содржини