Албанскиот премиер Еди Рама објави дека Диела, виртуелната министерка во албанската влада, е „бремена“ и се очекува наскоро да „роди“ 83 деца, кои ќе им помагаат на секој од пратениците од владејачката Социјалистичка партија (СП/ПС), објави АТА.
„Диела е бремена и очекува 83 деца, по едно за секој пратеник од нашата партија. Тие ќе служат како нивни асистенти, ќе присуствуваат на парламентарните седници и ќе водат белешки за сè што се случува, како и ќе ги информираат и ќе им понудат на пратениците своето мислење за разни прашања. Овие деца ќе го имаат и знаењето на нивната мајка (Диела) за законодавството на ЕУ“, рече Рама.
„Ако некој оди во кафуле и заборави да се врати на работа, неговото дете ќе каже што било кажано кога не било во просторијата и ќе ги информира ако неговото име е споменато“, додаде Рама.
Во септември, Рама ја назначи Диела, министерка создадена од вештачка интелигенција (AI), со што Албанија стана првата земја во светот што има „виртуелен министер“ во владата.
Нејзиното име, Диела, доаѓа од албанскиот збор diell, што значи „сонце“. Таа ќе биде одговорна за сите јавни набавки, рече Еди Рама на нејзината презентација на 11 септември.
„Диела е првиот член на кабинетот кој не е физички присутен, туку е виртуелно создаден од AI“, рече премиерот на презентацијата на министерката.
Рама рече дека одлуките за тендерите ќе се донесуваат „надвор од министерствата“ и ќе ѝ бидат доставени на Диела, која е „службеник за јавни набавки“. Според албанскиот премиер, Албанија ќе стане земја каде што јавните набавки ќе станат „100 проценти без корупција и каде што секој фонд што поминува низ тендерска постапка е 100 проценти транспарентен“.
Диела не е ново „лице“ за албанските граѓани, бидејќи се појави на платформата е-Албанија, каде што речиси сите услуги на албанската влада се достапни онлајн за луѓето, забележува албанската телевизија „Топ ченел“, цитирана од БТА.
Диела се претстави на собраниската седница, каде што се гласаше за составот на новиот кабинет. Во нејзиното виртуелно претставување, таа „одговори“ на критиките на опозицијата дека е „неуставна“, објаснувајќи дека иако не е од крв и месо, таа е уставна, бидејќи му служи на народот без корупција и без лични амбиции, пишува „Шиптарја“.
Во указот на албанскиот претседател Бајрам Бегај за назначување на премиерот и министрите во новиот кабинет се наведува дека „премиерот (Еди Рама) е одговорен и за создавањето и функционирањето на виртуелниот министер за вештачка интелигенција „Диела“.