Дигиталното евро ќе стане секојдневие за само неколку години, изјави претседателот на германската Бундесбанка, Јоаким Нагел. За околу четири години „ќе можеме да плаќаме со дигитално евро“, рече Нагел во интервју за подкастот за пари и политика Cäshflow. – „Верувам дека тоа е реален рок“.
Подготовките за дигитална верзија на европската валута траат со години. Европската комисија на крајот на јуни претстави предлог за правна рамка за дигиталното евро, според која тоа ќе стане официјално платежно средство, но нема да ги замени банкнотите и монетите. Во септември Европската централна банка ќе донесе одлука за продолжување на работата на дигиталната валута.
За разлика од криптовалутите како биткоин и етер, чии девизни курсеви често варираат во голема мера, воведувањето на виртуелна европска валута на приватните инвеститори ќе им понуди постабилна алтернатива на класичното евро.
Дополнително, со дигиталното евро, Европа ќе има и своја понуда за дигитални плаќања, како алтернатива на неевропските даватели на платежни услуги, како што е американскиот гигант PayPal, пренесе SEEbiz.
Би било „сосема логично и очекувано централните банки да го прошират својот опсег на дигитални валути и да обезбедат сигурна инфраструктура“, рече Нагел. „Луѓето, но и банките, кои ни се потребни за дигиталното евро, наскоро ќе видат дека нуди нова можност, нови финансиски производи кои поттикнуваат финансиска вклученост.