Дијалог преку уметност: Изложба на професори од Софија и Скопје

од Aneta Risteska
27 прегледи

Во галеријата „Академија“ во Софија, утре, (23 јануари), со почеток во 18 часот, ќе биде отворена изложбата „Дијалог преку уметност“, која претставува соработка меѓу професори од Националната ликовна академија (НХА) од Софија, Бугарија, и Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ , Скопје, Северна Македонија.

Оваа изложба е втор настан кој ја потврдува заложбата за продлабочување на соработката меѓу двете образовни институции. Првиот чекор беше направен со изложбата во галеријата на ФЛУ во Скопје, во декември 2024 година, кога беше иницирана и тркалезна маса на која се дискутираа тенденциите и предизвиците во уметничкото образование во двете земји.

На средбата беа истакнати можности за унапредување на образовната и културната размена преку програмата „Еразмус+“, организирање на заеднички изложби, работилници и креативни проекти за поддршка на младите автори и професори.

Изложбата ќе прикаже 60 дела од 28 професори од двете институции. Делата се изработени во разновидни медиуми и техники, вклучувајќи сликарство, графика, уметност на книгата, илустрација, пластики од хартија, керамика, порцелан, стакло, текстил, фотографија и видеоарт.

Меѓу учесниците се истакнуваат имињата на Ана Спасова, Ангел Миов, Беди Ибрахим, Велимир Жерновски, Емануела Ковач, Здравка Василева, Роберт Јанкуловски, Светозар Бенчев, Славица Јанешлиева и многу други.

Изложбата „Дијалог преку уметност“ ќе биде отворена за посетители до 1 февруари 2025 година. Ова е ретка можност за љубителите на уметноста да уживаат во богатството на креативни изрази кои ја слават заедничката визија за уметноста како универзален јазик.

Слични содржини